„Не ја предаваме историјата“, „Но пасаран“ и „Јас не ја разбирам Мила“ се дел од пораките кои денеска се појавија на кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и пред Владатa, јави Радио МОФ.
Станува збор за герила акција на студенти од Институтот по историја при Филозофскиот факултет, со која се спротивставија на понудениот Концепт на Министерството за образование и наука за основно образование. Претходно, членови за Институтот за историја го отфрлија новиот концепт и бараат од надлежното министерство и Владата да го повлечат и да ги прекинат сите активности во врска со предметот Историја.
Со него се предвидува групирање на предметите биологија, хемија, физика и дел од физичката географија во еден предмет – природни науки, додека предметите историја, дел од географија и граѓанско образование би се здружиле во друг предмет – општествени науки. Исто така предметите музичко и ликовно би се здружиле во уметничко образование, а техничкото образование и информатика би требало да се спојат во еден предмет – техника, технологија и информатика.