Вториот најдобар резултат на германската евроскептична и суверенистичка партија на изборите за Европскиот парламент ја истакна растечката моќ на партијата и нејзините претензии на власта, изјави во понеделникот копретседателката на Алтернатива за Германија (AfD).
И покрај падот на популарноста поради бројните скандали со нејзините политичари, хајката во мејнстрим медиумите и ставањето на големи нејзини делови под следење и опсервации на безбедносните служби и барањата на етаблираните партии за нејзина забрана, AfD успеа да профитира од незадоволството на граѓаните од работата на коалициската влада. AfD, исто така, имаше полза и од убедувањето на многу гласачи дека Унијата на CDU/CSU, исто така, нема да водеше подобри политики доколку беше на власт губејќи ја својата конзервативна и десна политичка ориентација.
Другите германски политички партии одбиваат да коалицираат со AfD или да соработуваат во владините тела во настојувањата да го оневозможат нејзиното доаѓање на власт. Меѓутоа, во некои покраински парламенти веќе има примери на соработка на демохристијаните со крајната десница.
„Вчера веќе прославивме. Луѓето сакаат да ја преземеме одговорноста за управувањето“ со земјата, изјави за новинарите во Берлин копретседателската на AfD, Алис Вејдел.
Вејдел посочи дека зголемената поддршка на партијата, посебно на истокот на Германија, значи дека нејзината партија не може засекогаш да биде држена надвор од владата. Три источни сојузни покраини во септември треба да одржат избори, а AfD беше јасен победник на изборите за Европскиот парламент во овој регион.
Трите партии од владејачката коалиција на канцеларот Олаф Шолц заедно добија помалку од една третина од гласовите на европските избори. Социјалдемократите го постигнаа својот најлош резултат досега на националните избори, пораз кој ја доведува во прашање иднината на владата.
Сите три партии имаа послаб резултат од суверенистичката крајно десна партија Алтернатива за Германија (AfD), која е втората по довербата меѓу гласачите на сојузно ниво, но во некои од источните германски покраини има водство. Покрај тоа, загрижува и фактот што младите изборачи во мнозинство гласале за AfD, покажуваат истражувањата.
Опозициските конзервативци на CDU/CSU, меѓу другите, побараа парламентот да гласа за доверба на Шолц и да се распишат нови парламентарни избори.
AfD се етаблира како втора најсилна политичка партија во Германија на сојузно ниво од минатата година во повеќе истражувања на јавното мислење. На изборите во неделата анализите покажуваат и дека AfD била особено успешна во источните делови од Германија и кај помладите гласачи. Во групата од 16 до 24 години оваа партија освоила 17 отсто од гласовите.
„Имаме право на власт. Доколку ги погледате изборните резултати во Саксонија, тогаш знаете кој ќе биде следниот премиер на сојузната држава“, додаде Вејдел.
Исто така, побара од социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц да распише предвремени парламентарни избори, како што тоа го стори уште во неделата францускиот претседател Емануел Макрон, имајќи ги предвид слабите резултати на трите партии во германсата влада.
Партијата AfD се појави пред десет години со противење на еврото а доби популарност во текот на мигрантската криза во 2015-та и во германскиот парламент Бундестагот првпат влезе во 2017-та, а со којашто главните традиционални партии во Германија одбиваат да соработуваат критикувајќи ги нејзините радикални ставови.
Политичките аналитичари сметаат дека ѝ одат во полза стравувањата на граѓаните во врска со рецесијата, големата миграција и зелената транзиција, а на сојузните избори во 2025 година има намера и да истакне свој ткн „шпицен-кандидат“, односно кандидат за канцелар. Партијата особено го зајакна својот рејтинг на просторот на поранешната комунистичка Источна Германија, а анкетите упатуваат на тоа дека може да оствари победа во три источни сојузни покраини следната година.
AfD го избра своето водство во Европскиот парламент
Пратеничката група на AfD во Европскиот парламент ќе ја предводи Рене Ауст, одлучија во понеделникот новоизбраните политичари на партијата. Оваа одлука беше донесена по суспендирањето на Максимилијан Крах од пратеничката група на AfD што беше изгласано со осум гласа „за“ и четири гласа „против“. Крах беше водечки кандидат на AfD на изборите за европарламентот, но партијата му забрани да води кампања непосредно пред изборите. Ауст е заменик на AfD во централната германска покраина Тирингија.
Крах, исто така, се бореше со неколку скандали, вклучително и обвинувања дека земал мито од Русија и Кина. Поранешен висок помошник на Краху беше одвоено уапсен под обвинение за шпионирање за Кина. Крах, исто така, даде многу контроверзни забелешки во италијанските весници дека не сите членови на озлогласената нацистичка паравојска СС биле криминалци.
Сепак, се очекува Крах сепак да заземе место во парламентот на ЕУ, бидејќи и покрај суспеднирањето од пратеничката група на AfD, тој сѐ уште е член на таа партија.
За разлика од Крах, кандидатот број два на изборната листа на AfD, Петр Бистрон, ќе биде дел од пратеничката грипа на AfD во Брисел и покрај тоа што се соочува со обвинувања за странско влијание. Бистрон го поврзуваат со проруски медиуми, а според извештајот на чешки весник кој не изведе никаков доказ, тој наводно бил снимен како прима пари од извори поврзани со Кремљ.
Бистрон жестоко ги отфрли обвинувањата и, според копретседателот на AfD, Тинo Хрупала, во понеделникот им се заколнал на своите нови колеги дека не ги добил парите и дека наводите против него се невистинити.
Целосното исклучување на Крах од пратеничката група на AfD би можело да биде дел од планот за надминување на разликите со другите крајно десни партии кои остварија подем во парламентот на ЕУ кои го сочинуваат блокот Идентитет и демократија (ID), вклучително и Национален собир на француската политичарка Марин Ле Пен.