Германец четири години пешачел низ Европа, патувањето го завршил во Битола

40-годишниот Германец, Карстен Шеперс, пред четири години заминал од Германија и почнал да оди пеш низ европските земји. Од пред неколку дена стигна во Битола. Бидејќи за време на неговото патување во Франција му украле 6800 евра, останал без пари, па затоа побарал помош за сместување од Црвениот крст.

Тие го сместиле во нивните капацитети, а тој решил за возврат да даде крв на крводарителската акција која ја организираше битолскиот Црвен крст.

Карстен вели дека во Македонија му се допаѓа и дури размислува да остане и да најде работа. Вели – има добро образование и вештини. Од Германија избегал заради стресот.

-Досега поминав 16 земји. Им реков на многу луѓе тука во Македонија дека ми се допаѓа оваа земја со сите нејзини проблеми. Многу се интересирам за геологија, мојата професија е дрводелец и шпедитер. Ако најдам работа и жена, ќе останам во Македонија, навистина убава земја е и ми се допаѓа. Заминав од Германија заради стресот од работата, бев менаџер, па сакав да си направам еден продолжен одмор, вели Карстен Шеперс.

За 4 години пешки поминал 14.000 километри.

-Од Ресен до Битола се возев со автобус заради временските услови, имаше многу снег на планината меѓу Ресен и Битола, не беше можно да се оди пешки. Пробав, но се вратив. Вкупно се возев со автобус, воз и автомобил само 330 километри, вели тој.