Во Германија во вторникот се разви дискусија за можното повторно стационирање на американските ракети со долг дострел, што беше договорено на неодамнешниот самит на НАТО во Вашингтон.
„Се подразбира дека за ова прашање мора да дискутира и Бундестагот. Комуникацијата на германската влада за ова прашање е целосно неприфатлива“, изјави портпаролот за одбрана на опозициската Христијанско-демократска унија (CDU), Јохан Вадефул.
Тој не е против повторно стационирање на американски ракети со долг дострел во Германија, но смета дека тоа е одлука која мора да има поддршка од поширок политички спектар.
„Кој и да објавува толку важни одлуки на прес-конференции си поигрува со довербата на парламентот и јавноста“, рече Вадефул.
Пред тоа, поранешниот претседател на владејачката Социјалдемократска партија на Германија (SPD) и поранешен министер за надворешни работи, Зигмар Габриел, го критикуваше начинот на донесување одлука за стационирање на ракети.
„Не ми пречи само стационирањето, туку отсуството на јавна дебата за ова прашање. Едноставно се носи одлука“, изјави Габриел.
На маргините на самитот на НАТО на 10-ти јули во Вашингтон, Германија најави дека првпат од 1990 година во Германија треба да бидат стационирани американски ракети со долг дострел. Министерот за одбрана Борис Писториус го објасни стационирањето како „сериозен недостиг на европски капацитет“ како одговор на руските закани за стационирање на ракети „Искандер“ во Калининград.
Германското Министерство за надворешни работи на почетокот на седмицата реагираше на руските предупредувања дека стационирањето на американски ракети ќе предизвика „противмерки“ со разместување на хиперсонични проектили со среден и краток дострел кои ќе ја целат герамнската територија.
„Да бидеме јасни: не дозволуваме да бидеме исплашени од такви изјави“, се вели во соопштението на германското Министерство за надворешни работи.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави во текот на викендот на поморската смотра во Санкт Петербург дека, доколку САД продолжат со овие планови, Русија ќе распореди ракети коишто во својот дострел ќе имаат стратешки цели на Западот.
На стационирањето на американски ракети се противат членовите на крајно десничарската и левичарската опозиција во Германија, Алтернатива за Германија (AfD) и новооснованата алијанса на Сахра Вагенкнехт. Овие партија уживаат особено голема популарност на истокот од земјата, област која некогаш бепе дел од комунистичка Источна Германија.