Германија до светскиот трон, во финалето славеше против Србија

Кошаркарската репрезентација на Германија е нов светски шампион откако во финалето на Мундобаскетот во Филипини, Јапонија и Индонезија славеше над Србија со 83-77. Германците со осум победи и ниту еден пораз и повеќе од заслужено стигнаа до својата прва титула на Светските првенства.

Србија одлично шутерски го отвори натпреварот. Избраниците на Пешиќ погодуваа тројки буквално од секоја позиција, а Германците со продори успеваа некако резултатски да останат во игра, па по десет минути игра Србите имаа предност од три поени 23-26. Лоша вест за српскиот состав во првиот период беше само повредата на Огњен Добриќ поради која одличниот играч веќе не доби шанса во финалето. Вториот период помина во израмнета и машка игра на двете страни па сето тоа резултираше на пауза да се замине со нерешен резултат (47-47).

И двата тима шутерски очајно го стартуваа второто полувреме, но во таа игра некако подобро се снајдоа Германците кои во 28. минута за првпат стигнаа до двоцифрена предност од 64-53. До крајот на овој период Германија успеа да стигне и до највисоките плус дванаесет 69-57.

Алекса Аврамовиќ беше единствен расположен во таборот на Србија на стартот на последниот период па на неговите крила Србите успеаја да намалат на седум разлика (71-64) на седум минути до крајот. Aврамовиќ се уште беше во прв план па со неговата тројка Србија дојде и на минус четири (73-69). Следеше тројка на Фојтман за 76-69. Долго време стоеше овој резултат на семафорот, а сушата беше прекината со двете погодени слободни на Франц Вагнер за 78-69 на две минути до крајот. Следеше нова серија на неверојатниот Алекса Аврамовиќ по која на 1.21 минута Србија повторно стигна на само минус три 78-75.

Следеше нова грешка на Германците, но Гудуриќ не успеа да погоди отворена тројка, а Шрудер доби две слободни фрлања. Едното успеа да го реализира Шрудер и во последните 40 секунди да влезе со предност од плус четири за Германија 79-75. Гудуриќ погоди две слободни фрлања, но со поените на Шрудер на 20 секунди до крајот Германија повторно стигна до плус четири 81-77. Следеше нова грешка на Гудуриќ по која веќе беа решени сите дилеми околу конечниот резултат и победа на Германија од 83-77.

Денис Шрудер со 28 поени беше прво име во таборот на освојувачите на златниот медал, додека кај поразените недоволна беше одличната партија на Алекса Аврамовиќ кој мечот го заврши со 21 поен.