Германија мора да заштеди повеќе гас од било кој друг во ЕУ

Врз основа на планот на Европската комисија, Германија ќе мора најмногу да штеди гас. Според податоците на Европската комисија, до кои имала пристап агенцијата ДПА, а пренесуваат германските медиуми, Германија ќе мора да заштеди десет милијарди кубни метри гас од август до март, за да ја постигне целта за штедење на ЕУ од 15 проценти.

Тоа е значително повеќе од другите и одговара приближно на годишната потрошувачка на пет милиони домаќинства со четири лица, пренесува Танјуг.

За споредба, Италија ќе мора да заштеди нешто повеќе од осум милијарди кубни метри гас за да ја постигне целта на ЕУ, а Франција и Холандија само пет милијарди кубни метри. Севкупно, ЕУ сака да заштеди околу 45 милијарди кубни метри гас.

Германскиот министер за економија Роберт Хабек претходно објави дека неговата земја е подготвена да ги исполни целите на ЕУ. Тој дури рече дека Германија е подготвена да спаси повеќе од 15 отсто.