Германија на Украина ќе ѝ испорача модерни противвоздушни системи, како и специјални радари за откривање на непријателска артилерија, изјави во средата во Бундестагот германскиот канцелар Олаф Шолц.
„Со испораката на системот Iris-T Германија на Украина ѝ го испорачува најмодерниот систем со кој располага. Со помош на овој систем можно е да се одбрани цел еден голем град од воздушни напади“, тврдеше Шолц пред германските пратеници.
Канцеларот истакна дека испораката на овој противвоздушен систем, кој се произведува во Германија, се извршува „во целосна координација“ со партнерите, првенствено САД. Шолц најави и дека Германија „согласно своите технички можности“, ќе ја поддржи и испораката на ракетните системи, што го најави Вашингтон.
Социјалдемократскиот канцелар ја бранеше политиката на неговата влада кон Украина и ги отфрли обвинувањата од опозицијата дека е нерешителна кога станува збор воената помош.
„Досега испорачавме противоклопни и противвоздушни системи, како и милиони парчиња муниција“, реле Шолц и истакна дека германската влада последните седници донела и одлуката за испорака на оклопните возила „Gepard“ и оклопните подвижни хаубици „Panzerhaubitzen 2000“.
„Впечатокот дека германската влада не прави ништо и дека се колеба е целосно погрешен“, одговори Шолц на обвинувањето на опозицијата, во прв ред од демохристијанската унија CDU/CSU.
Германскиот канцелар додаде дека по почетокот на војната во Украина, владата донела „мудра одлука“ прекинувајќи со децениската практика според која Германија не испорачуваше оружја во кризните региони,
Шефот на парламентарната група на најголемата опозициска фракција, претседателот на Христијанско-демократската унија (CDU), Фридрих Мерц, му префрли на Шолц дека „разговара 80 минути со Путин“ а дека нема време да го прими претседателот на украинскиот парламент кој во четврток доаѓа во посета на Берлин.