Берлин не планира да се повлече во спорот со САД околу гасоводот „Северен тек 2“, изјави за ДПА германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас.
– Не треба да зборуваме за европски суверенитет доколку тоа значи дека се што правиме во иднина ќе биде како што ќе сака Вашингтон – рече Маас во пресрет на инаугурацијата на Џо Бајден, кој на 20 јануари ќе го преземе претседателскиот мандат од Доналд Трамп.
Берлин сака нов почеток во односите со Вашингтон во ерата на Бајден, откако дојде до нивно влошување за време на мандатот на Трамп, пишува германска ДПА. Но, како што Маас додаде, и натаму ќе има спорни точки.
– Германската Влада нема да го смени ставот за „Северен тек 2“. Важно е дека сме во согласност со централните стратешки и геополитички прашања, дека сме на иста страна – рече Маас.
ДПА додава дека со инаугурацијата на Бајден не се очекува промена во американската политика и дека новизбраниот претседател, демократот Бајден, како и републиканецот Трамп, го отфрлаат проектот за гасоводот.
„Северен тек 2“ треба да донесе руски гас директно во Германија, најголемата економија во Европската унија, преку рутата под Балтичко Море.
САД оценија дека гасоводот претставува закана за безбедноста на сојузниците на НАТО во ЕУ поради зголемената зависност од руската енергија и затоа се заканија со нови санкции.
Оние кои го поддржуваат проектот „Северен тек 2“ ги обвинуваат САД дека само сакаат да бидат во позиција подобро да го продаваат сопствениот гас во Европа.