Охрабрени од желбата на канцеларката Меркел за „заеднички пристап“ во борбата против пандемијата на коронавирус, премиерите на сојузните покраини работат на нови предлози за периодот по крајот на ноември.
Откако минатата недела ги отфрлија нејзините барања за поостри мерки, Ангела Меркел им ги врати жешките костени на покраинските премиери за да се договорат за концептот со кој сите би се согласиле. Концептот треба да биде презентиран на заедничката средба на премиерите на сојузните покраини и канцеларката утре, 25-ти ноември.
Според информациите кои доаѓаат од видео состанокот на премиерите, генерално се планираат построги мерки на затворање како одговор на рекордниот број нови инфекции од минатиот петок, кога се пријавени нови 23.648 случаи во Германија Но, покрај стапот во форма на построги мерки до 20 декември, политичарите подготвуваат и моркови во вид на отстапки за време на Божиќните празници, пишува Дојче веле.
Еве неколку предлози: продолжува делумното заклучување до 20 декември. Хотелите, рестораните, фитнес клубовите, кината, театрите се забранети да примаат гости. На рестораните им е дозволено да продаваат храна „со достава“, а хотелите ќе ги прифаќаат само оние гости кои се на службено патување. Граѓаните сепак треба да избегнуваат непотребни контакти и да се воздржуваат од патувања.
Но, според новинската агенција Ројтерс, во регионите каде што бројот на новоинфицирани за седум дена би паднал под 50 на 100.000 жители, би било можно да се олабават овие мерки.
Исто така, се предлагаат уште некои работи:
– со новите мерки се воведуваат ограничување на собирање на членовите на само две домаќинства со вкупно најмногу пет лица, што не вклучува деца под 14-годишна возраст
– обврска за носење маски останува во сила во продавниците, јавните институции и јавниот превоз, но маските ќе бидат задолжителни и пред продавниците и на јавните паркинзи. Можно е да се воведе обврска да се носат маски на отворен простор каде што е зголемена концентрацијата на луѓе, како на пр. на пешачки зони.
Исклучоци се можни, според овие предлози, во периодот од 21 до 27 декември.
Така, околу Божиќ, мерките ќе бидат релаксирани: ќе биде дозволено да се сретнат лица од повеќе од две домаќинства со зголемување на горната граница на присутните на 10. Сепак, по овие средби, се препорачува самоизолација на неколку дена. На црквите може да им биде дозволено да одржуваат типични Божиќни церемонии, но треба да се избегнува собирање на поголем број верници.
За Нова година, велат тие, можна е забрана за продажба на пиротехника.
Училиштата, според предлогот, исто така треба да бидат зафатени со новите мерки: маските ќе бидат задолжителни за учениците од 7-мо одделение нагоре и во училниците. Во училиштата без случаи на инфекција, можно е изземање од оваа обврска. Во случај на инфекција, целата смена треба да биде во самоизолација пет дена по што треба да се тестираат, со тоа што тестот е на државна сметка. Одлука за предавање од дома со онлајн настава може да донесе секоја федерална покраина за себе.
Политичарите го припишуваат продолжувањето и делумното заострување на мерките на сè уште големиот број нови инфекции. “Ако престанеме со мерките прерано, ризикуваме да започнеме одново. Подобро сега да се продолжи заклучувањето отколку тотално затворање за Божиќ”, рече баварскиот премиер Маркус Содер.
Во исто време, сојузните држави со пониски бројки се залагаат за изземање од мерките воведени низ целата земја. Ова е особено нагласено во северните сојузни држави, како што се Шлезвиг-Холштајн или Мекленбург-Западна Померанија, каде бројот на новоинфицирани е значително помал отколку во остатокот од земјата. Премиерот на втората федерална покраина, Мануела Швајг, истакна дека бројот на ново заразени лица во нејзината сојузна покраина е под вредноста 50 на 100.000 жители за последните седум дена. Просекот на германско ниво е 144, а во некои сојузни држави како Берлин дури и над 240.