Германија од недела ќе ги затвори своите гранични премини со Австрија и со Чешка поради опасноста од ширењето на мутираните соеви на коронавирусот, објави во четвртокот германското министерство за внатрешни работи.
„Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер донесе одлука дека покрај контролите на границата кон Австрија, кои постојат поради бегалската криза, и на граничните премини кон Чешка да воведе привремени контроли“, соопшти министерството.
Целта на овие мерки е спречување да се внесат мутираните соеви на коронавирусот во Германија, се истакнува во соопштението.
Од споменатите земји е забрането влегувањето во Германија, со исклучок за германските државјани и за странците со постојан престој во земјата.
Зехофер претходно од сојузната влада во Берлин побарал пограничните области во Чешка и австриската покраина Тирол да се прогласат за области со мутирани вируси, за да може, како и во случајот со Велика Британија, Јужноафриканската Република и Бразил, да се воведе забрана за влез во Германија.
Чешката влада објави дека од петок ќе ги изолира пограничните области околу градовите Чеб, Соколов и Трутнов. Австриската влада уште на почетокот од седмицата Тирол го прогласи за област во којашто не се препорачува патување.
Политичарите во германската сојузна покраина Баварија, која е на границата со двете земји, веќе неколку дена го критикуваат попуштањето на мерките кое е на сила во Австрија од понеделникот, стравувајќи дека тоа би можело негативно да влијае врз позитивниот епидемиолошки развој на ситуацијата во покраината. Сојузните и покраинските власти во средата ги продолжија строгите мерки на „затворање“ во Германија до 7-ми март.