Германија гледа можност за враќање на „трансатлантскиот пристап“ во спречувањето на иранската нуклеарна програма кога демократот Џо Бајден ќе ја преземе должноста претседател на САД, рекол германски функционер во понеделникот за агенцијата Reuters.
Како што е познато, актуелниот републикански претседател на САД, Доналд Трамп, во мај 2018 година го повлече Вашингтон од договорот на Иран со шесте светски сили потпишан во 2015 година, кој го критикуваше уште во кампањата за претседателските избори во 2016-та и бараше со него да биде опфатена и иранската програма за развој на проектили. Притоа, беа вратени децениските и воведени нови санкции против Техерен, симнати со договорот со кој иранската страна се согласи да го намали обемот и степенот на збогатен ураниум.
САД откако ги вратија санкциите ја објавија кампањата на „максимален притисок“ врз Иран. Другите земји потписнички на договорот од Виена од ноември 2015-та, Русија, Кина, Германија, Франција и Велика Британија останаа во рамките на договорот. Меѓутоа, европските потписнички не успеаја да му ги компензираат штетите од американските снакции на Иран, откако нивните најголеми компании ги повлекоа инвестициите во оваа земја, по што Техеран започна со постепено суспендирање на своите обврски од преговорот. Тоа предизвика вознемиреност и во Европа и на Блискиот исток, и нови тензии кои беа на работ од директен американско-ирански воен судир.
„Со новата американска администрација следната година ќе добиеме можност повторно да го користиме Заедничкиoт план за сеопфатна акција (Joint Comprehensive Plan of Action – JCPOA – односно ткн нуклеарен договор) за она што му е целта – ограничување на иранската нуклеарна програма“, рекол германскиот дипломат кој зборувал под услов да остане анонимен.
„Кога гледаме како Иран сѐ повеќе ги крши своите нуклеарни обврски, тоа е итно потребно“, додал за Reuters германскиот дипломат, по средбата на министрите за надворешни работи на Германија, Франција и Велика Британија.
Додал дека овие три европски земји се подготвуваат за период на ткн интензивна дипломатија, свесни дека следат тешки преговори.
Портпаролката на француското министерство за надворешни работи по споменатата средба рекла дека Париз останува решителен на позицијата Иран да не дојде во можност да поседува нуклеарно оружје, како и дека француската страна ќе продолжи со напорите за зачувување на нуклеарниот договор кој има голема улога во тие настојувања.
Бајден, кој треба да биде инаугуриран за 46-ти американски претседател на 20-ти јануари, изјави дека ќе ги врати САД во нуклеарниот договор, доколку Иран повторно почне прецизно да ги почитува обврските од него и да соработува за „тој договор да биде зајакнат и да се прошири, како и да се спречи иранската дестабилизрачка активност“. Всушност станува збор за „помеко“ повторување на досегашната политика на Вашингтон кон Иран, односно барање да ја ограничи својата воена моќ и своето растечко политичко влијание во земјите на Блискиот исток.