Полицијата во Германија, особено во главниот град Берлин, поради блискоисточниот конфликт очекува поголеми немири од вообичаеното во текот на првомајските протести , соопштено е во вторник.
„Полицијата мора енергично да реагира на појави на насилство, предизвикување немири и извикување антисемитски слогани“, рече министерката за внатрешни работи Ненси Фезер.
Најавено е дека ќе полицајците ќе реагираат на секое величење на тероризмот, што според германските закони вклучува поддршка за палестинското радикално движење Хамас, како и извикување на пароли кои го негираат правото на постоење на Израел, како пораката „Од реката до морето, Палестина ќе биде слободна“, а всушност се однесува на окупираниот Западен брег (на реката Јордан) и крајбрежната медитеранска енклава Појасот Газа која е под одмазничка седумесечна инвазија на израелската војска.
Во Берлин, според полицијата, некои од овогодинешните првомајски паради, кои традиционално ги организираат синдикати, левичарски политички организации и некои цркви, избрале рути низ делови од градот претежно населени со Арапи, поради што се очекува дека пропалестинските протести ќе се приклучат на првомајските протести.
Претставникот на берлинската полиција Бенјамин Јендро изјави дека полицијата е „добро подготвена“ и, меѓу другото, е екипирана со полицајци кои зборуваат арапски и кои знаат да препознаат антисемитски слогани. Околу 5.500 колеги од целата земја ќе дојдат да ѝ помогнат на полицијата во Берлин.
По протестите на исламистите минатиот викенд во Хамбург, на кои се бараше воспоставување на калифат, односно воведвуање на шериајтското законодавство во Германија и поддршка на Хамас, германската министерка Фазер е под притисок и забелешки дека не реагирала навреме да ги забрани овие протести.
Од друга страна, се очекува дека особено радикалните левичарски групи ќе ја искористат тензичната ситуација околу пропалестинските протести за да се пресметаат со полицијата. Насилните првомајски протести имаат долга традиција, особено во левичарските упоришта како Берлин и Хамбург.