Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер во вторникот ја забрани неонацистичката организација „Hammerskins Deutschland“, а во исто време беа извршени рации на неколку локации низ Германија насочени кон членовите на оваа група.
„Забраната е силен удар за организираната екстремна десница што испраќа јасен сигнал против расизмот и антисемитизмот“, рече министерката за внатрешни работи Ненси Фезер од Социјалдемократската партија на Германиј (SPD).
„Здружението постапува спротивно на уставниот поредок и против основата на разбирањето меѓу различните народи“, стои во образложението на одлуката за забраната.
Понатаму се наведува дека оваа група организира концерти на кои делови од публиката кои не припаѓаат на здружението се „индоктринирани со екстремно десничарски“ светогледи.
Многу членови на здружението се во центарот на вниманието за насилни кривични дела, а повеќе членови се под истрага за нанесување телесни повреди и недозволено поседување оружје.
„Hammerskins Deutschland“ е германскиот огранок на групата формирана во САД кон крајот на осумдесеттите години на минатиот век, која произлезе од скинхед сцената и која пропагира „чистота на белата раса“ и посегнува по расната идеологија на неонацистите.
„Hammerskins“ се гледа себеси како „елитна“ организација, поради што процесот на зачленување е ограничен, а кандидатите мора да поминат неколку нивоа на проверка на критериумите. Многу членови се занимаваат и со боречки вештини, а членовите на „Hammerskins“ редовно дејствуваат како обезбедување на неонацистичките концерти.
Истовремено, беше забранета и огранокот „Crew 38“ на здружението Hammerskins, кое им помага на членовите кои дошле во судир со законот.
Неколку екстремно десничарски групи како „Combat 18“ и „Nordadler“ се забранети во Германија во последниве години.