Германија конечно доби владејачка коалиција

Германската канцеларка Ангела Меркел постигнала договор за коалиција со Социјадемократската партија на Германија (СПД), соопштиле денеска властите во Германија.

Договорот е постигнат по повеќе од два месеци откако Демохристијанската унија (ЦДУ) заедно со сестринската баварска партија Христијанско – социјалната унија (ЦСУ) на изборите за Бундестагот освоија 41,5 отсто од гласовите.

Овој договор треба на почетокот на декември да го одобри членството на СПД, а исходот од тоа гласање, како што оценува агенцијата Франс прес, се уште е неизвесен.

Во случај СПД да одобри формирање на коалиција, Меркел од 17-ти декември повторно ќе биде на чело на германската влада, што ќе биде нејзин трети по ред мандат.

„Станува збор за пакет мерки кои можеме да ги преставиме на нашата партија и кои можеме да ги одобриме“, рекла генералната секретарка на СПД, Андреа Налез.

Таа изјавиле дека е постигнат договор за зголемување на минималната плата и дека од 2015 година надоместот за час работа ќе изнесува најмалку 8,5 евра.

Зголемување на минималната заработка беше една од клучните точки на предизборната кампања на социјалдемократите и најважен услов за формирање на коалиција.

СПД успеа да се избори и за можноста децата кои се родени во Германија, а родителите им се странски државјани да добијат двојно државјанство.

Генералниот секретар на ЦДУ, Херман Греје изразил задоволство што не е постигнат договор за зголемување на даноците, за што исто така претходно се залагаа социјалдемократите.

Поврзани вести