Германија планира да врати во државите на потекло десетици илјади баратели на азил од Западен Балкан, бидејќи на крајот од минатата недела стапи во сила нов закон за олеснaто репатрирање, изјави германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер.
Во следните недели бројот на случаи на репатрирани, доброволно враќање и протерување значително ќе се зголеми, истакна Де Мезиер.
Освен тоа миграциските служби ќе ја забрзаат работата за разгледување на молбите за азил. Министерот нагласи дека десетици илјади кандидати за азил од земјите од Западен Балкан, чии молби биле одбиени, ќе треба да ја напуштат Германија.
Ова мора да се постигне, нагласи тој и најави дека во наредните денови ќе отпатува во Албанија со цел да направи увид во третманот на депортираните лица таму.
Од почетокот на годината германските власти депортирале 11.000 лица, а 27.000 доброволно ја напуштиле земјата со финансиска поош, нагласи Мезиер.
Во 2015-тата Германија очекува околу еден милион баратели на азил. Голем дел од нив по потекло се од Сирија и Ирак, но голем дел од нив доаѓаат и од безбедните земји, како земјите од Балканот.
Според новата регулатива Берлин ги прогласи Албанија, Косово и Црна Гора за безбедни земји, што значи дека луѓето од овие земји немаат право на политички азил. Според официјалните податоци, Германија прифатила 577.307 баратели на азил во периодот од јануари до септември годинава. Од нив, 66.311 биле од Албанија и уште 32.258 биле од Косово.