Германската економија поради поскапите енергенси во загуба од 260 милијарди евра

Германската економија ќе остане без повеќе од 260 милијарди евра додадена вредност до 2030 година, за што се обвинуваат високите цени на енергенсите и војната во Украина, што последично негативно ќе влијае врз пазарот на трудот, се наведува во резултатите од истражувањето на Институтот за истражувања на вработувањето (IAB) објавени во вторникот.

Германскиот бруто домашен производ (БДП) по прилагодените цени следната година ќе биде 1,7 отсто понизок, а вработени ќе бидат околу 240.000 помалку лица во однос на ситуацијата кога во Европа би владеел мир, според споменатото истражување.

Се очекува дека нивото на вработеност ќе остане на тоа ниво сѐ до 2026 година, кога мерките за поттикнување на стопанството ќе започнат да ги надминуваат негативните ефекти и ќе доведат до зголемување на бројот на вработените за околу 60.000 лица во 2030 година.

Како еден од најголемите губитници ќе биде угостителскиот сектор, кој и онака е веќе тешко погоден од речиси двегодишната пандемија на коронавирусот, а сега веројатно ќе го почувствува падот на потрошувачката и куповна моќ на населението.

Енергетските интензивни сектори, како хемиската индустрија и производството на метали, исто така, веројатно ќе чувствуваат последици, се проценува во студијата на IAB.

Доколку цените на енергенсите, коишто досега од ланската есен скокнале за 160 отсто, повторно се удвојат, германскиот БДП би бил за речиси 4 отсто понизок отколку на почетокот од 2022 година и почетокот на војната во Украина, се додава во извештајот.