Германската влада ќе забрани продажба на фабрика за чипови

Германската влада веројатно ќе ја забрани продажбата на погони чипови на шведска компанија во состав на кинеската групација „Sai“, објави „Elmos“, произведувач на полупроводници за автомобилската индустрија со седиште во Дортмунд.

Одлуката веројатно ќе биде донесена на владината седница во средата, извести германската компанија. Министерството за економија ја разгледува продажбата и досега сигнализираше дека веројатно ќе ја одобри.

„Откако го примија известувањето, вклучените страни детално ќе го разгледаат и дополнително ќе решат за натамошните чекори“, објавија од „Elmos“ но не ги наведуваат причините за таквата одлука.

Компанијата развива, произведува и дистрибуира полупроводници главно за автомобилската индустрија.

Кон крајот на минатата година „Elmos“ објави дека има намера да го продаде производството на кристални плочки за производство на чипови, ткн вафери, на шведскиот конкурент „Silex“ за вкупно 85 милиони евра. Шведската компанија, пак, е филијала на кинеската групација „Sai“.

Од германското министерство за економија досега не ги коментираа објавите од „Elmos“.

Германската влада неодамна одобри продажба на 24,9 отсто од уделот во терминалот во пристаништето Хамбург на кинеската логистичка компанија COSCO, намалувајќи го од првично планираните 35 отсто, за да го ограничи кинеското влијание во работењето.

Критичарите на ваквите трансакции стравуваат од наводното кинеско влијание, а заговорниците потсетуваат дека COSCO веќе е сопственик на удели во неколкуте најголеми европски пристаништа како Ротердам, Атнверп и Пиреја.