Германската влада остро ја намали прогнозата за економски раст во 2024-та

Германската влада ја намали проценката за економскиот раст оваа година на само 0,2 отсто, посочувајќи дека надежите за брзо закрепнување се поткопани од падот на куповната моќ и скапото задолжување, што врши притисок врз потрошувачките трошоци на граѓаните и корпоративните инвестиции.

Досега владата на канцеларот Олаф Шолц очекуваше дека годинава активноста ќе се зголеми за 1,3 отсто, по маргиналниот пад на активноста во 2023 година за 0,3 отсто, покажуваат пресметките на Заводот за статистика.

Светската економија е „лабилна“, растот на трговијата е на историски ниско ниво, што е предизвик за земја извозник како Германија, истакна во извештајот министерот за економија Роберт Хабек.

„Згора на тоа, неопходното зауздрување на инфлацијата резултираше со високи каматни стапки, што има негативно влијание врз инвестициите на компаниите“, додаде Хабек, нагласувајќи го падот на активноста во градежниот сектор и дефинирањето на „приоритетите“ во буџетот по одлуката на Уставниот суд за ненаменската потрошувачка.

Уставниот суд пресуди дека владата противуставно ги пренасочувала парите од програмата за пандемијата на други програми, што отвори огромна „дупка“ во буџетот и ја принуди владата да ги намали трошоците, вклучително и поддршката за високите трошоци за енергија.

Економијата е оптоварена и со високата инфлација, која годинава треба да се спушти на 2,8 отсто, од 5,9 отсто во 2023 година, според ревидираните проекции на германската влада.

Во владата ги признаваат структурните проблеми кои бараат неопходни реформи за поддршка на економијата, бидејќи не е во прашање ништо помалку туку нејзината конкурентност, нагласи министерот.

Затоа, во извештајот насловен „Зајакнување на конкурентноста на долг рок“, министерот најавува таргетирани даночни олеснувања за приватни инвестиции и иновации.

Министерот најавува и поддршка за „технолошкиот суверенитет и економската отпорност“, што треба да обезбеди создавање вредност во клучните сектори како што се батериите и полупроводниците. Планот е и „диверзификација на синџирите на трговијата и набавката“, додава Хабек.

Основната премиса на конкурентноста на Германија е проширена понуда на обновливи извори на енергија, посочува министерот, додавајќи дека владата има намера да го олесни проширувањето на производствените капацитети и мрежната инфраструктура.

Тој, исто така, предлага поддршка за технолошкиот суверенитет, со акцент на секторот на полупроводници и батерии, како и диверзификација на трговијата и синџирите на снабдување. Според неговите предлози, централна премиса за зајакнување на условите во економијата е подобрено снабдување со обновливи извори на енергија.

Најголем предизвик за Германија е недостигот од работна сила, нагласува Хабек, кој ќе се влоши во наредните години и ќе го забави потенцијалниот раст. Според тоа, владата ќе биде повеќе вклучена во образованието, подобри можности за жените и подобри стимулации за постарите граѓани доколку тие се подготвени да работат подолго.

Европската комисија неодамна ја намали прогнозата за растот на германската економија за оваа година за половина процентен поен, на 0,3 отсто. Во наредната година очекува раст од 1,2 отсто, според зимските прогнози.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предвидува раст на Германија од само 0,5 отсто во 2024 година, приближно половина помалку од она што прогнозираше наесен. Следната година растот треба да се забрза до 1,6 отсто, пресметаа тие.