Германската влада уверува дека нема да ги враќа дома невработените Украинци

Германското Министерство за надворешни работи во понеделникот ги отфрли барањата на некои политичари за укинување на бегалскиот статус на дел од украинските бегалци во моментов кога Киев има силен недостиг од жива сила на фронтот и тоа го оправда со несигурната ситуација во Украина.

„Сведоци сме дека Русија во својата војна ги напаѓа сите делови на Украина, што е спротивно на меѓународното право“, изјави портпаролот на германското Министерство за надворешни работи.

Посочи дека Русија ги напаѓа инфраструктурните објекти низ целата земја, така што не може ниту еден дел од Украина да се смета за безбеден.

Министерството за надворешни работи на тој начин реагираше на сѐ почестите барања на политичарите од Христијанско-демократската унија CDU/CSU да им се одземе бегалскиот статус на невработените украински бегалци на воена возраст и да се вратат во татковината, како што повеќето западноевропски земји од пред неколку месеци бараат и функционери од кабинетот на украинскиот претседател Володомир Зеленски а украинските амбасади прекинаа да им ги продолжуваат пасошите на Украинците кои на возраст за воени обврзници.

Работете или вратете се во Украина

„Сега, повеќе од две години по почетокот на војната, правилото мора да биде: или вработување или враќање во еден од безбедните делови на западна Украина“, рече претседателот на парламентарната група на баварската Христијанско-социјална унија (CSU), Александар Добриндт изминатиот викенд.

Пред него, министерот за внатрешни работи на сојузната покраина Бранденбург, Михаел Штубген, од Христијанско-демократската унија (CDU) изјави дека е „апсурдно“ што Германија ја поддржува Украина со сите расположливи средства за одбрана од Русија, додека украинските државјани на воена возраст во Германија уживаат социјална помош.

Барањето на политичарот од CSU беше критикувано од владината комесарка за одбрана Мари-Агнес Штрак-Цимерман и ги нарече „бизарни“.

Дебатата беше и за тоа дали бегалците од Украина треба да добијат целосни социјални бенефиции од првиот ден од нивниот престој, кои важат за лицата на кои им е доделен статус на бегалец или азил.

Бегалците и барателите на азил од други земји, додека не им се додели статусот, добиваат помала финансиска помош од бегалците од Украина, чија помош е еднаква на онаа на германските граѓани кои бараат вработување и добиваат т.н. цивилна помош.

Критичарите истакнуваат дека повисоката стапка на социјална помош, која изнесува 563 евра по возрасен и со тоа е за околу 100 евра повисока отколку за другите бегалци, не ги поттикнува украинските бегалци да бараат работа. Покрај 563 евра по лице и детски додаток од 250 евра по дете, државата покрива кирија и комуналии за бегалците од Украина.

Помош добиваат половина милион луѓе на работоспособна возраст

Според статистичките податоци објавени од јавниот сервис ARD, од 1,3 милиони украински бегалци кои живеат во Германија, 506.000 од нив добиваат социјална помош, иако се полнолетни, способни за работа. Според истите податоци, вработени се 187.000 бегалци од Украина.

Истовремено, се посочува дека од 506.000 приматели на државна помош, повеќе од 300.000 се жени кои често се без партнер во Германија и мораат да се грижат за децата. Забележано е и дека многу невработени лица сè уште се во различни програми за интеграција и учење германски јазик.

Во моментов има околу 700.000 непополнети работни места на германскиот пазар на труд.

Портпаролот на германската влада Штефен Хебестрајт, исто така, укажа на т.н програмата „Job Turbo“ која владата ја лансираше минатата есен, а која треба да им овозможи на бегалците од Украина побрз пристап до пазарот на трудот.

Според проценките на Федералната агенција за вработување, од над еден милион бегалци кои пристигнале во Германија во 2015 и 2016 година, главно од Сирија, по речиси десет години биле вработени 64 отсто од работоспособните.