Германски Баер се вклучува во производство на вакцина против ковид-19

Германската фармацевтска компанија Баер се вклучува во производството на вакцини против коронавирусот КуреВак, која во моментов се наоѓа во завршна фаза на тестирање, соопштила компанијата.

– Во нашиот погон во Вупертал треба да почнеме со производство на вакцината на компанијата КуреВак. Испораката на првите дози се очекува кон крајот на годинава – вели член на управата на Баер Стефан Оелрич.

Вакцината на КуреВак, од германскиот Тубинген, во моментов е во третата фаза на испитување, а издавањето на употребната дозвола се очекува во следните месеци.

Директорот на компанијата КуреВак, Вернер Хас изјавил дека неговата компанија преку мржата на произведувачи обезбедила производство на 300 милиони дози до крајот на годинава. Само во Баер би биле произведени околу 160 милиони дози.

Германскиот министер за здравство Јенс Спахн ја поздравил најавата за соработка меѓу КуреВак и Баер и најавил склучување на договор за откуп на таа вакцина.

Спахн изјавил дека и по летото и предвиденото спроведување на вакцинирањето во Германија ќе има потреба од вакцини против коронавирусот поради можната потреба за освежување на вакцината, но и поради можните мутации на коронавирусот.

Германската канцеларка Ангела Меркел и премиерите на сојузните покраини ќе се сретнат денеска со претставниците на произведувачите на вакцината за да ги отстранат пречките кои се појавиле на почетокот на процесот на вакцинација во Германија.

Во моментов најголем проблем е испораката на помало количество вакцини од нарачаното.Баер е најновиот произведсувач на лекови кој најави дека ќе се вклучи во производство на вакцини за да се надмине недостигот од вакцини против ковид-19, откако минатата недела фармацевтските компании Новартис и Санофи најавија дека ќе и помогнат на Фајзер во производството на вакцини.

МИА