И германскиот влијaтелен весник Spiegel пројави силен интерес за аферата „Рекет“ којa повеќе од еден месец ја бранува јавноста во Македонија, но и во регионот, а во понеделникот вечерта во своето онлајн издание излезе со наслов: Осомничената хероина на Револуцијата! Корупциска афера во Северна Македонија!
Новинарскиот осврт започнува со претседателката на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева. Посочено е дека таа важеше за симбол на борбата против корупцијата, а сега самата е заглавена во една голема рекетарска афера.
Хероината на револуцијата, обвинителката која важеше за симбол на реформите, симбол на правна држава, важеше како фигура во борбата за коруција, сега самата е вмешана во голем случај на уценување. Земјата на Балканот е потресена од аферата ’Рекет’ и од фактот за инволвираноста на Јанева која важеше за непоткуплива, за симбол за правда во државата – пишува германскиот медиум, притоа коментирајќи ја и оставката која Јанева ја поднесе на 15 јули.
Медиумот коментира дека аферата „Рекет“ која ја бранува јавноста од минатиот месец се разгледува на највисоко ниво, а предизвика политички земјотрес за целата земја. Обвинителката Јанева е дел од аферата, односно постои сомнеж дека на македонски олигарх му ветила дека за милионска сума ќе му ја обезбеди слободата.
Јавноста е длабоко потресена, медиумите и социјалните мрежи се преполни со коментари. Јанева беше симбол на шарената револуција со која се сруши Груевски од власт. Десетици илјади луѓе излегуваа на улица, демонстрациите гЛавно почнуваа пред просториите на СЈО во Скопје. Луѓето носеа маички со ликовите на обвинителките Катица Јанева, Фатиме Фатиме и Ленче Ристоска. Митот за хероината е веќе срушен. На виделина излезе аферата, на 15 јули, кога беше објавено и нејзиното известување за оставка, а во исто време беа уапсени и Бојан Јовановски и Зоран Милевски, како водечки рекетари во случајот „Рекет“ – стои во натписот во германскиот медиум.
Бојан Јовановски, медиумот го коментира како ескцентричен лик кој на македонската јавност и е познат како Боки 13. Во натписот стои дека тој и Зоран Милески, познат како Зоки Кичеец, на олигархот Камчев му ветиле дека ќе го употребат своето влијание за да го спасат од казнено гонење. Боки 13 се повикува на своето пријателство со Катица, а за слободата која му ја ветил, олигархот Камчев платил 1,5 милиони евра.
Тоа беше докажано и со аудио и видео снимики – коментира германскиот медиум.
Понатаму во натписот стои дека Камчев важи за најбогат Македонец, поседува холдинг во Македонија. Се посочува дека еден од главните партнери на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Тие, вели „Шпигел“ се централни фигури во случајот „Империја“, отворен од СЈО, минатата есен.
Тогаш двајцата мораа да одат во притвор, а подоцна Мијалков замина во куќен притвор, а Камчев беше ослободен. Катица му ветила на Камчев дека не треба од ништо да се плаши, а тоа го потврдуваат аудио и видео записите кои Камчев сам ги снимил. Снимките се објавени во италијанскиот медиум Ла верита, а како стигнале до таму се уште е непознато. На снимките се гледа како Јованоски и Милески ги добиваат парите од Камчев, а Катица преки телефонот на Јовановски му ветува на Камчев дека се ќе биде ОК. По објавените разговори Катица резервирано потврди дека снимката е вистинита, со тврдење дека сакала Камчев да го придобие како сведок во случајот „Империја“, и дека нема направено никакви криминални дејства. На јавноста не и е веродостојна оваа изјава на Јанева, која, досега, не се води како осомничена во случајот „Рекет“ – пишува германскиот медиум.
Понатаму во натписот за „Осомничената хероина на Револуцијата“ се коментира и незадоволството на граѓаните во земјава. Како што стои во самиот натпис незадоволството од владата расте, а СДСМ минимално реагира на аферата.
- Премиерот Зоран Заев остава впечаток дека има нешто да сокрие. Новинарите го прашуваат дали лично се познава со Бојан Јовановски, кој во една снимка му кажува на Камчев дека Заев ветил дека нема да го попречи неговото ослободување. Заев видно вознемирен одговара дека нема да дозволи „неколку криминалци, еден суетен новинар и еден педер, да ја симнат Владата од власт. Ова предизвика лавина на реакции, разочарување и негодување, пишува Шпигел.
Медиумот коментира дека аферата ја потресе Македонија во еден тежок период, кога земјата е критикувана за спорите реформи во правосудниот систем. Во натписот е посочено дека во јуни земјата не доби датум за преговори, делумно заради резервите од Франција, Холандија и Германија, а сега со Рекет се покажа дека тие резерви биле оправдани. Анализата за Македонија во Шпигел излегува во период кога германскиот Бундестаг се подготвува за септемвриските сесии на кои моќната Комисија за надворешна политика ќе носи одлука дали на Македонија во октомври ќе и се даде датум за почеток на преговори со ЕУ.