Германски вирусолог мисли дека најверојатно ќе биде потребна трета доза од вакцината

Претседателот на германскиот советодавен комитет за вакцинација (Стико) од институтот Роберт Кох во Берлин, вирусологот Томас Мертенс, рече дека веројатно сите граѓани ќе треба да се довакцинираат против ковид-19 и следната година „затоа што коронавирусот нема да попушти“, пренесува „Еуроњуз“.

Тој во неделата за новинската групација „Функе“ изјави дека во моментов нема информации за тоа кога точно ќе ни биде потребна дополнителна доза на вакцината.

Мертенс објасни дека здравствените работници ќе мора да почекаат уште неколку месеци за да утврдат дали заштитата против коронавирусот слабее побрзо во одредени групи и дали на некои од нив ќе им биде потребна дополнителна доза на вакцината поитно од другите.

– Вакцинацијата ќе треба да се освежи најдоцна следната година. Вирусот нема да попушти – предупреди Мертенс, потсетувајќи на присуството на нови мутации на коронавирусот дека одредени вакцини не делуваат толку ефикасно.

– Во принцип, треба да се подготвиме за можноста сите да мора да се довакцинираме следната година – вели тој.

Колку ќе трае имунитетот?

Неговите колеги исто така очекуваат дека имунитетот може да трае околу шест месеци по вакцинирањето, така што првата ревакцинација за некои ќе биде закажана за наесен.

Мертенс посочи дека кај одредени групи ефектот на вакцинација ослабува и смета дека на пациентите чијашто имунолошка одбрана е контролирана од лекови може да им треба трета доза на вакцината на краток рок.

Стапката на инфекција со коронавирусот во Германија во петокот падна на најниско ниво во скоро два месеци. Минатата недела се регистрирани само 96,5 нови случаи на 100.000 жители.

Скоро 30,4 милиони луѓе или 36,5 проценти од популацијата, примиле барем една доза на вакцина до петокот, а повеќе од 9 милиони луѓе или 10,9 проценти од популацијата сега се вакцинирани со обете дози.

Проценката на Мертенс се случи еден месец откако Алберт Бурла, извршен директор на фармацевтската компанија „Фајзер“, рече дека пациентите најверојатно ќе треба да се вакцинираат со трета доза од вакцината против ковид-19, една година по приемот на втората доза.

Европската унија веќе се согласи да го продолжи договорот со „Фајзер/БиоНТех“ за 1,8 милијарди дози вакцини против ковид-19, кои ќе бидат доставени помеѓу 2021 и 2023 година.

„Фајзер“ и германскиот „БиоНТех“ објавија дека ќе и обезбедат на Европската унија дополнителни 50 милиони дози во вториот квартал од оваа година, со што ќе се компензира недостатокот на испорака на вакцините „АстраЗенека“.