Германскиот канцелар Шолц позитивен на коронавирусот

Германскиот канцелар, 64-годишниот Олаф Шолц, е позитивен на тест на коронавирусот, објави во понеделникот неговиот портпарол.

„Канцеларот има благи симптоми на настинка и веднаш штом ги дозна резултатите од тестот се повлече во изолација“, рекол портпаролот Штефан Хебестреит.

Додал дека Шолц оваа седмица ги откажал надворешните обврски, но дека планираната конференција со премиерите на сојузните покраина, закажана во среда, ќе биде одржана виртуелно.

Шолц изминатиот викенд беше на турнеја по земјите во Персискиот залив, но на крајот од патувањето неговиот тест на коронавирусот сѐ уште бил негативен.

И министерката за внатрешни работи, Ненси Фезер во понеделникот преку Twitter информираше дека добила позитивен тест на коронавирусот.

Германскиот државен епидемиолошки Институт „Роберт Кох“ од минатата седмица бележи раст на бројот новозаразени од коронаврусот, а стручњаците проценуваат дека моментално забележаните вредности не ја покажуваат вистинската слика, бидејќи станува збор само за позитивните PCR тестови.

Бројот на новозаразените особено е забележан меѓу повозрасното население, но моментално не се размислува за воведување дополнителни мерки поради тоа што болниците сѐ уште не се оптоварени со новозаболените, бидејќи заболените главно имаат благи симптоми.

Германската влада неодамна донесе промени на Законот за заштита од зарази со кој на сојузните покраини им се дозволува заострување на мерките во борбата против пандемијата имајќи ја предвид епидемиолошката ситуација.

Во Германија моменталната седумдневна инциденца на заразата со коронавирусот изнесува 293 случаи. Моментално на сила е само мерката за носење маска во јавниот сообраќај, во домовите за стари лица и во болниците.