Германскиот произведувач на вакцини „CureVac“ очекува дека Европската унија дека ќе ја одобри нивната вакцина против Covid-19 до крајот на мај или почетокот на јуни, изјави во четвртокот извршниот директор Франц-Вернер Хаас на сослушувањето во Европскиот парламент.
Клучните податоци од клиничките испитувања ќе бидат достапни кон средината на април, додаде Хаас.
На истото сослушување во Европскиот парламент, чиј предмет беше проблемот со снабдување со вакцините против коронавирусот во ЕУ, англо-шведскиот производител „AstraZeneca“ ја потврди својата цел да ѝ осигури на Европската унија 40 милиони дози од вакцината до крајот на март.
Извршниот директор на „AstraZeneca“, Паскал Сорио, изјави дека е резочаран поради бавното производство на вакцината на некои европски локации, но и дека компанијата ќе стори сѐ што е можно за да ги исполни своите обврски за испораките.
„Лекциите се учат секој ден“, рече Сорио додавајќи дека е „уверен дека во вториот квартал ќе го зголеми количеството на производството“.
Комисиите за здравство и за индустрија при Европскиот парламент ги повикаа на сослушување директорите на главните произведувачи на вакцините со коишто ЕУ има договори за снабдување.
Сорио се соочи и со прашањето поради неочекуваниот недостиг во снабдувањето. Кон крајот на јануари „AstraZeneca“ неочекувано ја извести ЕУ дека може да ѝ испорача 31 милион дози од вакцината во првиот квартал, наместо 80-те милиони дози коишто првично биле ветени. Компанијата подоцна благо го зголеми снабдувањето на 40 милиони дози до крајот на март, но и тоа е недоволно.