На три месеца пред предвремените парламентарни избори во Германија, актуелниот канцелар и кандидат за истата позиција на Социјалдемократската партија на Германија (SPD), Олаф Шолц, повика во саботата во Берлин на предозборната конвенција на партијата на „решавачка борба“ за враќање на довербата од гласачите.
„Изборите на 23-ти февруари ќе бидат избор меѓу заостанатата конзервативна политика на демохристијансата Унија CDU/CSU и политиката на центарот на SPD која се потпира на здравиот разум“, рече Шолц во говорот пред собраните членови на SPD.
Шолц, кој е ткн „шпицен“ кандидат на социјалдемократите за канцелар на претстојните избори, изјави дека во следните 85 дена до изборите „ќе даде сѐ од себе“ за Германија и социјалдемократијата.
„Да се потпреме на нашите сили, да престанеме да приговараме, да се зафатиме со работа и да се бориме заедно. Ако се бориме, ќе победиме“, рече Шолц на крајот од својот едночасовен говор, кој беше проследен со долги аплаузи.
Шолц го бранеше разрешувањето на поранешниот министер за финансии Кристијан Линднер од Либерално-демократската партија (FDP), што на крајот доведе до колапс на владата и предвремени парламентарни избори.
„Во сериозни времиња како ова, на земјата не и требаат коцкари, туку сериозна политика“, рече Шолц и ја обвини FDP дека „систематски ја саботира“ работата на владата.
Шолц рече дека ако победи, ќе ја вложи целата своја енергија во закрепнувањето на германската економија, особено на пропаднатата автомобилска индустрија.
Шолц рече дека ќе продолжи да ѝ помага на Украина, но и дека инсистира на својата одлука да не ја снабдува Украина со ракети со долг „Taurus“, кои би можеле да погодат цели длабоко на руска територија. Аргументот на Шолц за оваа одлука е дека за користењето за овој високософистициран систем неопходно е со него да ракува долги години обучуван кадар кој Украина го нема, како и да се користат сателитските системи на западните земји за нивно прецизно наведување, и стравува дека Русија тоа може да го сфати како директно германско учество во војната и да одговори.
„Не се игра руски рулет со безбедноста на Германија“, рече Шолц алудирајќи на бизарната самоубиствена игра.
Претседателот на моментално опозициската унија CDU/CSU, Фридрих Мерц, најави дека во случај на победа на изборите ќе ѝ ги испорача бараните ракети на Украина. Но Мерц не ги споменува прашањата кои ги поставува Шолц како образложение за своето одбивање.
Во последните испитувања на јавното мислење, партиите во владејачката коалиција, SPD и Зелените, забележаа благ пораст на популарноста: SPD ќе ја гласаат 15 отсто, а Зелените од 13 отсто од гласачите.
Христијанско-демократската унија CDU/CSU и натаму е најпопуларна партија со поддршка од 32 отсто од анкетираните. На второ место е десничарската Алтернатива за Германија (AfD) со 18 отсто, која е под жестоки напади на останатите партии, медиумите и тајните германски служби.