
Саскија Ескен и Норберт Валтер-Борјанс би требало да го преземат водството на Социјалдемократската партија на Германија (SPD), откако во саботата беа објавени резултатите од гласањето на членството на социјалдемократите кои предност ѝ дадода на оваа двојка.
„Саскија Ескен и Норберт Валтер-Борјанс освоиле 53,06 отсто од гласовите, а Клара Гејвиц и Олаф Шолц 45,33 отсто“, објави вршителката на должноста претседателка на SPD, Мала Дрејер.
Службено двојката Ескен и Валтер-Борјанс би требало да бидат избрани на партиската конвенција кон крајот на следната седмица во Берлин. Претходно мора да биде изменет статутот на партијата кој во моментов предвидува само една личност на чело на партијата.
Изборот на двојката Ескен и Валтер-Борјанс на чело на социјалдемократите би можело да влијае и на продолжувањето на функционирањето на коалицската влада водена од демохристијанската унија предводена од Ангела Меркел. Споменатите двајца политичари го претставуваат левото крило на партијата коешто од самиот почеток се спротиставуваше на влегувањето на партијата во ткн „Гроско“ (голема коалиција) со Унијата на Христијанско-демократската унија (CDU) и баварската Демохристијанско-социјална унија (CSU).
На претстојниот партиски конгрес SPD би требало да се дискутира за останувањето во коалицијата со демохристијаните. Ескен и Валтер-Борјанс најавија дека ќе го поддржат барањето на SPD за промени на коалицискиот договор со демохристијаните, како услов за останување во коалицијата. Социјалдемократите бараат поголеми инвестиции во проекти за заштите од климатските промени и зголемување на минималната сатница на 12 евра, што демохристијаните засега го одбиваат.
Имајќи предвид дека претседателката на Христијанско-демократската унија (CDU), Анегрет Крамп-Каренбауер, веќе најави дека нема да се согласи на промена на коалицискиот договор, се заканува криза на владата во Берлин и евентуални предвремени парламентарни избори следната година. Тоа би значело и предвремено заминување на Ангела Меркел од власта, која најави дека ќе се повлече од канцеларската должност во претстојниот изборен период кој трае до редовните избори до 2021 година.
Новоизбраниот тандем Ескен и Валтер-Борјанс најави дека ќе работи на отстранувањето на поделбите во партијата која од самото влегување во новата коалиција со Унијата CDU/CSU во пролетта 2018 година по долги преговори е поделена околу ова прашање.
„Ние ќе се бориме за тоа партијата да остане единствена“, изјави поранешниот министер за финансии на сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија, Валтер-Борјанс, по објавувањето на резултатите од гласањето на партиската база на социјалдемократите.
Изборот на новото партиско раководство беше неопходен откако во јуни тогашната претседателка Андеа Нахлес поднесе оставка по внатрешнопартискиот притисок кој следеше по низата лоши резултатои на социјалдемократите на локалните и на изборите за Европскиот парламент.
Најстарата активна партија во Германија – SPD, со години се наоѓа во криза и бележи историски најслаби изборни резултати, и нејзиниот рејтинг кај избирачите во моментов е на историски најниското ниво. Според последните испитувања на јавното мнение, за SPD би гласале 14 отсто од избирачите, што е речиси иста вредноста како и десната партија Алтернатива за Германија (AfD). На второто место според сила SPD ја замени партијата Зелени која во моментов ја поддржуваат 22 отсто од гласачите.