Германските возачи останаа баз државни субвенции за горивата

Во Германија, за разлика од Италија или Франција, државата повеќе не субвенционира гориво. На првиот ден од септември цените на бензинските пумпи во Германија значително пораснаа. Се проценува дека наскоро цените уште повеќе ќе се зголемат.

Возачите во Германија мора да се навикнат на тоа дека литар гориво чини повеќе од две евра. Веќе во четвртокот, на 1 септември, бензинските пумпи низ земјата го видоа ефектот од укинувањето на владините мерки кои важеа во јуни, јули и август. За тие три месеци државата се откажа од добар дел од приходите од данокот на гориво, а сега тие субвенции ги нема.

За возачите тоа значи дека литар бензин Е10 сега може да поскапи за 35 центи, а литар дизел за 17 центи. Анализите покажуваат дека на првиот ден од септември реалната цена на горивото на пумпите не се зголемила за максималните можни количини, пишува DW.

Сепак, цените на горивата и онака значително се зголемија во последните две недели. Дополнително, до среда (31.08) сопствениците на пумпи можеа да купуваат бензин и дизел по повластена цена, односно со повластена даночна стапка, а потоа да ги продаваат на купувачите по нешто поповолни цени. Затоа, можно е да помине извесно време пред возачите на пумпите да се соочат со „новите нормални цени“.

Меѓу другите мерки што ги воведе Владата како реакција на поскапувањето на енергенсите, месечниот билет од девет евра „истече“ на последниот ден од август.

Слични правила како во Германија постојат и во некои други земји од Европската унија. Но, за разлика од Германија каде тоа повеќе не важи, во соседна Франција попустот не само што не беше укинат, туку и се зголеми. Наместо досегашните 18 центи, во текот на септември и октомври на француското копно попустот изнесува 30 центи за литар бензин или дизел. А, во Корзика и некои прекуокеански области, според Министерството за економија во Париз, на сила е малку помал попуст.

Потоа помошта ќе се намали – во ноември и декември на 10 центи на копното, а на крајот на годината треба целосно да се укине. Попустот за гориво е дел од владиниот пакет чија цел е зголемување на куповната моќ на француските граѓани.

Во Италија возачите можат да сметаат на нешто пониски цени на горивата, барем до почетокот на октомври. Владата во Рим ја продолжи мерката со која цената на бензинот, дизелот и авто-бензинот се намалува за 30 центи по литар. Уредбата, која е во сила од пролетта оваа година, а требаше да важи до 20 септември, е продолжена до 5 октомври. Италијанската влада моментално работи на дополнителни мерки за помош на граѓаните и бизнисите, чија цел е да ги ублажи последиците од поскапувањето на енергијата и горивото – како директен резултат на рускиот напад врз Украина.