Британскиот премиер Борис Џонсон го претстави во понеделникот новиот притстап за воведување ограничувања поради забрзаното ширење на коронавирусот, вклучително и затворање на традиционалните пабови во некои делови од Англија, и покрај тоа што расте гневот во јавноста поради намалувањето на слободите.
Премиерот Борис Џонсон го претстави новиот поедноставен систем за означување на областите на ширење на заразата со коронавирусот за што ќе гласа парламентот.
Пабовите и баровите ќе бидат затворени од средата во областите кои се сметаат за „многу ризични“. Според новиот систем, областите ќе бидат поделени на „многу рузични“, ризични“ и оние со „умерен ризик“ од ширење на кронавирусот.
Засега Мерсисајд во северозападна Англија е единствената „многу ризична“ област. Таму ќе бидат затворени вежбалните, забавните центри, обложувалниците и коцкарниците, рече британскиот премиер Борис Џонсон.
„Мораме да дејствуваме за да спасиме животи“, рече Џонсон пред пратениците во долниот дом на парламентот и додаде дека не сака уште едно целосно затворање, како и дека ги разбира фрустрациите на оние кои предупредуваат на „репресијата на слободата“.
„Доколку дозволиме вирусот да се прошири, црната математика ни наложува дека нема да претрпиме само неприфатлив број смртни случаи поради Covid-19, туку со неконтролираниот втор бран ќе го оптовариме јавниот здравствен систем, што ќе им оневозможи на нашите лекари и медицински сестри да се посветат на другите третмани“, рече Џонсон.
Новите податоци на британското министерство за здравство покажуваат дека инфекциите најмногу се шират на северот од Англија и во некои јужни делови. Од одделот за интензивна нега во главната болница во Манчестер рекле дека пациентите со Covid-19 заземале 30 отсто од капацитетите и дека тоа почнува да влијае врз лекувањето на другите пациенти.
„Ова не е начин на кој сакаме да живееме, но тоа е природниот пат по кој треба да чекориме, меѓу социјалните и економските трауми поради целосниот ‘локдаун’ и големите човечки и економски загуби во неконтролираната пандемија. Следните седмици и месеци ќе бидат тешки и ќе го тестираме карактерот на оваа земја“, рече уште Џонсон.
Додека милиони луѓе ширум Обединетото Крластво се соочуваат со ограничувањата, угостителскиот сектор предупредува дека е турнат „на колена“ поради владините одлуки. Некои сопственици на пабови најавија дека размислуваат за покренување правна постапка и тврдат дека Џонсон со ништо не го оправдал затворањето на нивните локали.