Ѓуровски му даде нова шанса на Попов

Новиот предводник на фудбалската репрезентација на Македонија, Бошко Ѓуровски, најпосле го објави списокот со фудбалери на кои ќе смета за пријателскиот натпревар против слекцијата на Летонија што ќе биде одигран на петти март на националната арена „Филип Втори“.

По подолга пауза, на списокот може да се прочита и името на фудбалерот на англискиот премиерлигаш ВБА, Горан Попов, а поштеда од репрезентативната обврска побарал капитенот на германскиот бундеслигаш Мајнц, Николче Новески.

На списокот ги нема и Давид Бабунски, Езгјан Алиоски, Стефан Ристовски и Александар Трајковски кои се прекомандувани во младата репрезентација која пак на петти март го игра квалификацискиот натпревар против селекцијата на Португалија.

„Се радувам на овој натпревар, се радувам на првата средба со репрезентативците. Македонија живее за голем спортски резултат, за голем фудбалски резултат. Против Летонија сакам да видам какви репрезентативци имам на располагање, сакам да ги видам на дело. Сакам да видам дали се подготвени да ги спроведад моите замисли, моите идеи. Верувам во нив, верувам во победа. Сакам во победничка атмосфера да го започнеме новиот квалификациски циклус”, изјави Ѓуровски.

СПИСОК СО ФУДБАЛЕРИ:

ГОЛМАНИ: Томе Пачовски, Кристијан Наумовски. ОДБРАНА: Даниел Георгиевски, Александар Тодоровски, Бобан Грнчаров, Ванче Шиков, Даниел Мојсов, Ггоран Попов, Кире Ристевски.

СРЕДЕН РЕД: Мухамед Демири, Остоја Стјепановиќ, Стефан Спировски, Фехан Хасани, Иван Тричковски, Агим Ибраими, Муарем Муарем, Марио Ѓуровски.

НАПАД: Крсте Велкоски, Мирко Ивановски, Јован Костовски, Дејан Блажевски, Бесарт Ибраими.