Африка е опустошена од најтешката суша во последните четири децении, уништувајќи ги посевите и добитокот и носејќи милиони луѓе и деца на работ на глад.
По ненадејниот скок на цените на житото, горивото и ѓубривата поради руската инвазија на Украина, хуманитарните организации упатуваат нови апели за помош и предупредување за тешките последици од климатските промени, јавува Радио Слободна Европа (РСЕ) според пишување на светските медиуми. Хуманитарните организации велат дека им недостигаат средства за да го спречат гладот во Источна Африка, бидејќи уништените култури и угинувањето на добитокот од сушата, се влошија со забраната за извоз од соседните земји, како и со високите глобални цени на храната, кои се околу осум отсто повисоки од една година претходно.
УНИЦЕФ минатата недела соопшти дека околу 730 деца починале во центрите за лекување на неухранетост во Сомалија оваа година. Се проценува дека 50 милиони луѓе се соочуваат со акутна необезбеденост на храна низ Источна Африка, вклучувајќи ги Кенија, Етиопија, Судан и Јужен Судан.
Светската метеоролошка организација неодамна предупреди дека климатските промени несразмерно тешко ја погодуваат Африка, која е одговорна за само два до три проценти од глобалните емисии на стакленички гасови.
Хуманитарните организации проценуваат дека речиси половина од населението на Сомалија има потреба од итна помош за лекување, спречување на акутна неухранетост и смртни случаи поврзани со глад, и бараат итна помош за да се спречи гладот во земјата. Глад во Сомалија последен пат беше прогласен во 2011 година, кога умреа повеќе од 250.000 луѓе, по што многу критичари истакнаа дека прогласувањето на гладта дојде предоцна, како и дека претходното предупредување побрзо ќе ја придвижеше меѓународната заедница, пишува Вашингтон пост, нагласувајќи дека светот повторно ги игнорира повеќемесечните предупредувања за ситуацијата во Источна Африка.
Декларацијата за глад, пишува весникот, е специфичен и редок настан што обично го издаваат Обединетите нации и националните влади, откако податоците покажуваат дека повеќе од 20 отсто од домаќинствата во земјата имаат екстремен недостиг на храна, приближно една третина од децата се соочуваат со акутна неухранетост и две од секои 10.000 деца, умираат секој ден од глад, објави Бета.
Во април, ОН предупреди дека 1,4 милиони деца на возраст под пет години се акутно неухранети. Во мај, најмалку 213.000 луѓе во централниот регион се во „катастрофлна состојба“, додека, според „Вашингтон пост“, хуманитарните организации го вклучија алармот ова лето, повикувајќи се на податоците за широко распространета глад и недостигот на меѓународна поддршка.
Пред војната во Украина, Сомалија добиваше 90 отсто од пченицата од Русија и од Украина. Првата голема пратка украинско жито, по преговорите за ублажување на руската блокада, стигна во Источна Африка на почетокот на септември. Сепак, како што истакна Вашингтон пост, штетата направена во регионот кој зависи од тој увоз, е длабока и трајна.
Амбициозната цел што ја поставија светските лидери пред седум години „да се стави крај на гладот во светот до 2030 година“ сега изгледа подалечна од кога било, проценуваат уредниците на „Гардијан“.
ОН проценуваат дека бројот на луѓе во светот кои се на само еден чекор од глад скокна од 135 милиони во 2019 година на 345 милиони. Две третини од оние кои беа погодени од глад минатата година беа жени. Покрај предупредувањата дека гладот е „на прагот“ во Сомалија, податоците покажуваат дека околу 22 милиони луѓе се во опасност од глад низ Африканскиот рог опустошен од сушата.
Повеќекратните конфликти и климатски шокови веќе влијаеја на кризата уште пред почетокот на пандемијата, по што резервите на многу земји беа исцрпени, а многумина не закрепнаа, посочува „Гардијан“ со мрачни оценки дека кризата веројатно ќе биде полоша во 2023 година.