Како општествено одговорна партија, иако сме јавно предизвикувани да учествуваме на изборите, нашиот единствен одговор е: НЕ! Сметаме дека на уште едни “корона“ избори не треба да се настапува, иако имаме одличен кандидат. Тие нема да бидат ниту фер, ниту демократски, а најмалку безбедни, соопшто во средата партијата Глас за Македонија
Појасниваат дека нивната одлука е донесена поради тоа што „и еден изгубен човечки живот поради оваа сложена операција, ќе биде доволна причина да не влегуваме во опасна авантура“.
„Ако во јули годинва се велеше дека мора да се одржат предвремените парламентарни избори поради доаѓањето на вториот жесток бран на пандемијата, какво е оправдувањето токму среде тој бран да се одржуваат било какви избори?! Однесувањето на премиерот (Зоран) Заев, кој ‘мораше’ токму актуелен градоначалник да назначи за министер, го сметаме не само за неодговорно, туку и за директно загрозување на јавната безбедност“, се вели во соопштението за јавноста.
Од Глас за Македонија посочуваат дека земјата, односно актуелната власт, „многу лошо“ се справува со епидемијата, а бројките на заразени, а посебно смртноста се меѓу највисоките во Европа, а болничките капацитети се исполнети, здравствените работници се на работ на издржливост.
„Влегуваме во нова, можеби најопасна фаза на пандемијата кога во целиот свет се воведува целосно или делумно затворање на цели региони, кога секој доктор и медицинска сестра се ставаат во функција на здравството. А кај нас се најавени избори, кои не мораа и не смеат да се случат“, предупредуваат од Глас за Македонија.
Апелираат до министерот за здравство Венко Филипче и Комисијата за заразни болести „да не потклекнуваат по вторпат пред политиката и да не дадат виза за оваа масовна операција“.
„Во спротивно и нив ќе ги сметаме за соучесници во ширењето на заразата. Заради сето погоре кажано, Глас за Македонија никако нема да учествува на ниту едни избори кои се среде ваква опасна пандемија. Предвремени или редовни. Здравјето на граѓаните пред сѐ и над сѐ!“, порачуваат.