Главчев: Бугарија нема да репреговара за условите од договорот со Македонија

Бугарија нема повторно да преговара за условите од договорот со Република Северна Македонија, изјавил денеска техничкиот премиер на Бугарија, Димитар Главчев од собраниската говорница во бугарскиот парламент.

-Нема за што да се преговара. Ние го имаме нашиот став. Тие велат дека нема да преговараат со преодна влада, но јас велам дека нема желба за преговори од наша страна, бидејќи нема за што да се преговара. Постои европска позиција и преговори со Европската Унија. На последниот Европски совет изјавив дека Република Северна Македонија не ги почитува преземените обврски, а истото го кажа и премиерот на Грција дека Република Северна Македонија не го почитува Договорот од Преспа, така што го кажавме нашиот став на највисоко можно ниво – Европскиот совет, додал Главчев во својот говор.

Неговата изјава е дадена како одговор на барањето на пратеничката група на партијата Има таков народ за итна и одлучна реакција, по повод, како што пишуваат бугарските медиуми, новите тврдења на Скопје против веќе преземените обврски со таканаречениот „француски предлог“.

Претседателот на пратеничката група, Тошко Јорданов потсетил на говорот на премиерот Христијан Мицкоски од април годинава, во кој, како што вели, Бугарија ја нарекол „фашистички окупатор“:

-На 19 септември, односно за неколку дена, премиерот на таканаречената држава Северна Македонија, Христијан Мицковски, ќе оди во Брисел да разговара со Бугарија за уставните измени со одложено дејство, рекол Јорданов, пренесува БНР.