Глигор Кондовски со нова самостојна изложба „На сцена“

Изминатиот викенд во Н.У Музеј на тетовскиот крај во Тетово беше отворена самостојната изложба „На сцена“ од реномираниот уметник м-р Глигор Кондовски. Изложбата е помогната од Министерството за култура на Република Македонија и се состои од дваесеттина фотографии.

Рецезентот на изложбата, познатиот ликовен уметник м-р Славчо Максимовски на отворањето на изложбата истакна дека чекорите на Глигор Кондовски се оддамна длабоко навлезени во порите на најсовршеното поле  а тоа е уметноста.

„Како културен револуционер и со својата филозофија и со начинот на живот Глигор ја отсликува општествената вистина. Оваа изложба е инспирирана од џез моментите и нивните експресии“ посочи Максимовски и дополни дека „оваа негова ахроматска бајка во суштина претставува збир на сценски фотографии во вид на концептуална уметност како филмски фотострип“. М-р Глигор Кондовски претставува вистински хроничар на урбаната култура и високата уметност.

Изложбата „На сцена“ може да се погледне секој ден 8 часот до 13 часот до 31 октомври.

Инаку Кондовски има импресивна биографија. Роден е на 28 април, 1980 година во Тетово. Дипломиран виолинист при ФМУ во Скопје,  завршува и втор факултет Филмска и ТВ режија при ФДУ во Тетово, Македонија. Магистрира Филмско и ТВ сценарио при ФДУ во Скопје, во класа кај Проф Д – р Сашко Насев. Моментално работи како професор по виолина во ДМУ “Тодор Скаловски – Тетоец” во Тетово, Македонија. Има издадено неколку музички албума: „Crumbly secret”, 2008 и “Flown letters”, 2012 под Austrian Digital Label „KVZ LTD Music”, додека шпанската издавачка куќа „Seamless Recordings“ во 2019 година  го издала новиот албум на македонскиот музичар и режисер, насловен „Around the bend“. Има работено музика за театар и филм во Шпанија, Србија и Хрватска. Има изложено фотографии во склоп на „Денови на разноликоста”, во МСУ во Скопје, 2017 година. Со неговиот документарен филм „Постојам” се појавува на фестивали во Хрватска, Италија, Бугарија, Србија.  Како активист на МОФ има работено документарни и играни филмови со тематики кои ги засега социјалното општество и инфраструктруни проблеми на градот Тетово и пошироко низ Македонија.

Несомнено, Македонија има уште еден млад уметник кој достоинствено ја претставува државата преку својата креативност во регионот и Европа.