Глобалните цени на млечните производи на минимум во последните 10 месеци

Глобалните цени на млечните производи паднаа на најниско ниво во последните 10 месеци, бидејќи намалената побарувачката го стави во втор план фактот за недостиг на понудата на млеко. Конкретно, побарувачката од Кина е намалена, каде што широко распространетите мерки за лок-даун поради Ковид-19, ѝ земаат данок на економијата.

Трендот на намалување доаѓа и покрај тоа што резервите на млеко ширум светот остануваат мали поради сушата во Нов Зеланд и зголемените трошоци за добиточна храна за фармерите, особено во Европа и во САД, како и поради обилните дождови во Австралија и војната во Украина, пишува Ројтерс.

Глобалниот индекс на цените на млечните производи вечерва падна за 5 отсто, продлабочувајќи ја загубата од 4,1 отсто од претходната аукција одржана на почетокот на јули. Индексот сега е на најниско ниво од аукцијата на 7 септември 2021 година.

Податоците од последната аукција покажаа дека купувачите од Северна Азија, главно од Кина, купиле значително помали количини од вообичаеното.

Производството на млеко во Европа останува исклучително слабо под влијание на енергетската криза, сушата, зголемените трошоци за влез и други неповолни економски фактори за земјоделството, напиша во коментар економистот на ASB Bank, Нат Кел. Тој рече дека иако производството во Нов Зеланд може да биде подобро од минатата година, веројатно нема да го надомести падот на европското производство.