Американската пејачка (76) Глорија Гејнор објави видео на TikTok за важноста за миење раце додека го пее хитот „Ќе преживеам“ (I Will Survive) од 1978 година.
Пеејќи ги планетарно популарните стихови, вклучувајќи ги и: „Мислевте ли дека ќе се распарчам? Мислевте ли дека ќе легнам и ќе умрам? О, не, не јас“, диско легендата ги охрабрува другите да го сторат истото. Таа напиша заедно со видеото: „Потребни се само 20 секунди за да се преживее!“ проследено со хаштагот #WashYourHands #IWillSurviveChallenge.”
Нејзиниот видео предизвик брзо стана популарен на Интернет, при што го споделија илјадници нејзини обожаватели.
Некои од нив споделија видеа како внимателно ги мијат рацете додека танцуваат.
Темелното миење на рацете со сапун е еден од најефикасните начини да се сопре ширењето на вирусот Ковид-19 и пандемијата која ја прогласи Светската здравствена организација.
Лекарите ги советуваат луѓето да ги мијат рацете темелно и најмалку 20 секунди користејќи сапун и покривајќи ја со сапуница целата површина на раката.
Интервалот од 20 секунди е приближното време потребно двапати да се испее „Среќен роденден“, или, во случајот на Гејнор, да се испее најпознатиот дел од хитот „I Will Survive“.