Ќе го издржи ли ГОБ „8 Септември“ вториот удар од корона пандемијата? Болницата која остана единствена во борбата со најтешките пациенти мака мачи да излезе на крај со кризата. Откако на Инфективната клиника веќе подолго време не ставаат пациенти на респиратор, товарот од лекувањето на најкритичните случаи остана на плеќите на вработените во најголемиот Ковид центар во Скопје. За министерот Филипче, состојбата е под контрола, кревети имало доволно, а за кадар вели ќе се пополнел преку ротација.
„Во Градската општа болница „8 Септември“ работиме на системот на ротација на кадар. Полуисполнет е капацитетот во сите болнички одделенија ширум државата освен во Охрид и во Битола, каде има уште неколку слободни кревети“, вели министерот за здравство, Венко Филипче.
И додека министерот уверува дека ситуацијата е под контрола, доктори и сестри, кои секојдневно и по 24 часа се борат да ги спасат најкритичните пациенти, маката си ја споделуваат преку социјалните мрежи. Велат болницата од првиот до осмиот кат била преполна со болни кои имаат најтешка клиничка слика.
Работеле со последни сили, под стрес и под притисок, а неретко и јавно споделуваат оти биле на раб на издржливост по четиримесечната борба со вирусот. Разочарани се од односот на граѓаните, кои наместо да ги почитуваат мерките, цел месец славеа свадби и матурски од кои десетици луѓе завршија на респиратор, а уште стотици минаа низ болничките ходници.
„100 дена и 100 ноќи под стрес и притисок. Ќе има ли доволно место за сите пациенти? Ќе има ли доволно лекови и машини за најтешките случаи. Загрижени сме дали ќе може да одговориме на вториот бран кој е уште пожесток од претходниот. Се враќаме дома преморени за да собереме сила за утре“, пиша на Фејсбук шефицата на Интензивната нега во ГОБ „8 Септември“, доктор Каламарас.
Директорот на болницата Христијан Костов за Алфа призна дека персоналот е изморен и оти фалат доктори, пред се анестезиолози кои им се најпотребни за пациентите кои бијат битка за живот врзани на машините за дишење.
Во болницата во моментов се лекуваат 140 пациенти, а собата за интензивна нега е веќе полна со критично болни.