Македонија денеска одбележува 111 години од смртта на Гоце Делчев. По овој повод, традиционално, ќе се одржи меѓународната манифестација „Гоцеви денови“.
Манифестацијата почнува со панихида на Македонската православна црква – Охридска архиепископија во црквата „Св. Спас“ каде потоа, на гробот на Гоце Делчев цвеќе ќе положат владина делегација составена од вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министерот за образование и наука Спиро Ристовски и заменик министерот за правда Билјана Бришкоска – Бошковски, како и делегации на АРМ, МАНУ, Советот на Град Скопје и општина Центар, претставници на политички партии, Институтот за национална историја, СОКОМ, Агенцијата за иселеништво, Матицата на иселеници, Комисијата за верски прашања, Институот за историја од Филозофскиот факултет, Семакедонскиот конгрес,…
Цвеќе ќе биде положено и пред спомениците на македонскиот револуционер на Плоштадот Македонија и во Градскиот парк, во Делчево и во Струмица, како и пред бистата во село Подгорци, Струшко.
Во рамки на одбележувањето 111 години од смртта на Гоце Делчев во Собранието на Република Македонија ќе биде доделена и истоимената државна награда со која се оддава општествено признание за особено значајно остварување во сите области од науката кои се од интерес за Република Македонија. Наградата се доделува за три научни остварувања објавени во 2013 година, а ќе ја врачи претседателот на МАНУ, академик Владо Камбовски. На доделувањето ќе присуствува и министерот за образование и наука Спиро Ристовски