Рускиот претседател Владимир Путин ја одржува традиционалната годишна прес-конференција, за која се акредитирани над 1.400 новинари.
Конференцијата беше закажана за вчера, но поради погребот на рускиот амбасадор Андреј Карлов, убиен во Анкара, поместена е за денеска на пладне по локално време.
Путин за оваа голема прес-конференција се подготвува со денови и мошне сериозно, пишува „Спутник“ и додава дека во Кремљ велат оти претседателот тие денови практично и не спие „бидејќи се подготвува мошне внимателно, ги чита материјалите и го обновува знаењето за најразлични теми, од сите области на внатрешната и меѓународната политика, безбедноста и економијата“.
Во подготовките е вклучена цела армија помошници, сите министерства и другите државни институции и агенциите, кои на Путин му доставуваат релевантни информации и аналитички материјали. Тоа е цела база на податоци, бројки и сите можни информации.
Во Кремљ исто така се прават прогнози какви прашања ќе поставуваат новинарите или поточно кои теми најмногу ќе ги интересираат.
Оваа година за прес-конференцијата се акредитирани 1.437 новинари од целиот свет, што е 47 новинари повеќе од лани.
Разговорот со претставниците на седмата сила во декември 2015 година траеше подолго од три часа и за тоа време Путин одоговори на повеќе од 40 прашања. Најдолгата прес-конференција е одржана во 2008 година, кога рускиот претседател за четири часа и 40 минути одговори на повеќе од 70 прашања.