Годишнина од несреќата којашто го измени фудбалот во Италија

Викендов во Италија се одбележува споменот на една од најголемите спортски трагедии која се одиграла на 4-ти мај 1949 година кога во авионска несреќа загина целиот тим на Торино, тогаш најсилната фудбалска екипа на Апенинскиот полуостров.

Фудбалскиот клуб Торино по Втората светска војна бил „владетел“ на Италија со четири последователни шампионски титули во 1946, 1947, 1948 и 1949 година. Одиграл 93 натпревари без пораз на домашниот стадиони, а успешната приказна завршила во авионската несреќа во којашто загинала целата екипа.

Трагедијата се случила на 4-ти мај 1949 година на враќање од пријателскиот натпревар од Португалија. Поради маглата и намалената видливост, авионот удрил во ѕидот од базиликата Суперга на ридот над градот. Загинале вкупно 31 човек, 18 играчи, клупски функционери, новинари и екипажот.

Единствен фудбалер кој ја преживеал несреќата бил Сауро Тома, кој не патувал поради повреда на коленото.

„Бевме како браќа. Се сеќавам на сѐ, како вчера да се случи. Сакав да отрчам на планината за да помогнам, но не ме пуштија за да не ги видам останките на моите соиграчи“, рече во еден од бројните разговори Тома кој почина во април минатата 2018 година.

На погребот присуствувале околу половина милион луѓе, а Торино таа година бил првак на Италија, која му била четврта во низа, и шеста вкупно дотогаш. Последните четири кола Торино, кој го добил прекарот Гранде Торо, ги одиграл со јуниорскиот состав, а ривалите од респект кон клубот и жртвите на терените ги испраќале, исто така, своите јуниорски екипи.

Торино никогаш подоцна не закрепна од оваа трагедија. Потоа освои само уште една шампионска титула, во 1976 година. Годинава по долга пауза клубот има можност да се квалификува за европски куп.

„Јунаците секогаш се бесмртни“, напиша легендарниот голман на италијанската репрезентација и на најголемиот градски ривал Јувентус, Џанлиуџи Буфон.

Во петокот вечерта Торино му гостуваше токму на Јувентус, кој одамна ја потврди својата 35-та титула, осма во низа. Торино поведе во 18 минута преку Саша Лукиќ и беше на прагот на првата гостинска победа над Јувентус по дури 24 години. Сепак, шест минути пред крајот на мечот Кристијано Роналдо со удар со глава успеа да израмни.