Ѓоковиќ сезонава освои над 15 милиони долари

Ѓоковиќ заработи над 15 милиони долари сезонава и така стана првиот играч што успеал да освои толкав износ во една сезона.

Новак Ѓоковиќ доминира со машкиот тенис и тоа „дебело“ му се наплаќа. Ѓоковиќ во неделата ја освои титулата во Пекинг и го совлада неговиот можеби најголем ривал Рафаел Надал во два сета- 6: 2, 6: 2 за 90 минути игра.

Тоа беше 12-то по ред последователно финале во 2015-тата за Ѓоковиќ и осма титула, вкупно 56-та во кариерата. За триумфот во Пекинг, тој доби 500 бодови и чек од 654.725 долари.

Со овој износ Ѓоковиќ го надмина износот од 15 милиони долари освоени сезонава и така стана првиот играч што успеал да освои толкав износ во една сезона.

Никој никогаш во историјата на тенисот од турнирските награди не освоил повеќе од 15 милиони долари, а сезоната сеуште не е готова. До крајот Ѓоковиќ треба да настапи на мастерсите во Шангај и Париз како и на Завршниот Мастерс во Лондон.

Тој досега од турнирите заработил 87.268.280 долари со што се приближи на првопласираниот Роже Федереф 94.748.573, а третопласиран е Рафаел Надал со заработени нешто повеќе од 74 милиони долари.