Актуелните шампион на НБА лигата, кошаркарите на Голден Стејт Вориорс поведоа со 2-0 во серијата од конференциското полуфинале победувајќи ги и во вториот дуел пред своите навивачи Хјустон Рокитс со 115:109, додека Милвоки Бакс израмнија на 1-1 во серијата против Бостон Селтикс со убедливата домашна победа од 123:102.
Кевин Дјурант постигна 29 коша, Клеј Томпсон 21 а Стеф Кари 20 поени за победниците, додека стрелците на Хјустон ги предводеа Џејмс Харден со 29 и Крис Пол со 18 коша.
Гостите во ниту еден момент на мечот не поведоа, а најголемата предност на Вориорс изнесуваше 15 коша, остварена пред крајот на третата четвртина. Во последните 12 минути Хјустон успеа да се доближи на три поена заостанување, но домашните ги спречија да сторат и повеќе од тоа.
Натпреварот го одбележаа повредите на Стефен Кари и Џејмс Харден во текот на првата четвртина. Кари во борба за топката го исчаши средниот прст на левата рака, додека Харден во слична ситуација Дејмонд Грин го удри по левото око, па најдобриот стрелец на лигата мораше да оди на клупата поради исекотина на очниот капак. Но и двајцата се вратија на теренот кон средината на втората четвртина.
Покрај споменатите стрелци, повторно голема улога кај Вориорс одигра Дејмонд Грин кој дуелот го заврши со 15 коша, 12 скокови и 7 асистенции, додека Андре Игудала постигна 16 поени. Хјустон имаше двајца играчи со „дабл-дабл“ учинок, Клинт Капела со 14 коша и 10 скокови, и Пи Џеј Такер со 13 поени и 10 фатени топки.
Следните два меча од серијата ќе се играат во Хјустон, а првиот од нив на распоредот е ноќта кон саботата во 2,30 часот по средноевропско време.
Милвоки Бакс, кои беа најдобарата екипа во основниот дел од сезоната тоа не го потврдија во првиот натпревар во конференциското полуфинале против Бостон Селтикс. Поради тоа мораа да се вадат пред своите навивачи и тоа го сторија и покрај тоа што нивниот најдобар играч Јанис Антетокунмпо повторно лошо влезе во мечот.
Од 29 минута кога Бакс поведоа со 74:71 па до 37 минута, домашните на Селтикс им дозволија само два коша, а постигнаа 28 и создадоа недостижна предност од „плус 29“ (102:73). Милвоки со 20 погодени „тројки“ поставија клупски рекорд во плеј-офот, а предничеше Крис Мидлтон кој погоди 7 „тројки“ и дуелот го заврши со 28 коша и 7 скокови. Антетокунмпо до крајот на мечот стаса до 29 поени и 10 скокови, а Ерик Бледшо додаде 21 поен за победниците.
Селтикс не успеаја да најдат компензација за очајниот шут на Кајри Ирвинг кој постигна само 9 поени со шут од игра 4 од 18 обиди. Маркус Морис постигна 17 коша и 7 скокови и беше најдобар кај Бостон. Џејлен Браун додаде 16, а Ал Хорфорд 15 поени со 8 скокови.
Бостон ќе биде домаќин во следните два натпревара, а првиот од нив ќе се игра ноќта кон петок, во 2 часот по полноќ по средноевропско време.