Голем интерес за огласите на Парламентот и Град Скопје

Огласите за ангажирање лица за јавни функции во македонското Собрание и во Град Скопје предизвикаа голем интерес кај граѓаните.

До 20-ти јули може да се аплицира на огласите на Собранието на Република Македонија, а крајниот рок за пријавување за раководни позиции на огласот од Град Скопје е 25-ти јули.

За најатрактивни јавни функции се сметаат огласите на Собранието на РМ за генерален секретар и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата, за секретар на Комисијата за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, за директор на Дирекцијата за заштита на лични податоци, за претседатели на управни одбори на повеќе агенции…

Собранието на Република Македонија и Комисијата за прашања на изборите и именувањата го дополнија огласот за ангажирање лица за повеќе јавни функции кои се во нивна надлежност.

Со новиот оглас се бараат компетентни и високо мотивирани кандидати за позициите генерален секретар на Државната комисија за спречување на корупцијата, седум членови на Комисијата за заштита од дискриминацијата и генерален секретар на Комисијата за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Дополнување на огласот има и во однос на доставувањето на сертификатот за положен психолошки тест и тест за интегритет за места во Дирекцијата за заштита на личните податоци, Комисијата за решавање на жалби од областа на енергетиката, Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер и во Комисијата за жалби по јавни набавки.

Првиот оглас беше објавен на 23 јуни и тој се однесуваше на 35 јавни функции, претежно претседатели и членови на управни одбори во агенции и членови на комисии. Крајниот рок за поднесување на пријавите е 20-ти јули.

Се бара пројавување интерес за функциите претседател и двајца членови на УО на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор, пет кандидати за членови на Програмскиот совет на МРТВ, еден кандидат за член на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, двајца за членови на Комисијата на Агенцијата за пошти, по еден кандидат за членови на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации и на Комисијата за решавање жалби од областа на енергетиката. За тие функции именувањето ќе биде веднаш по изборот.

Функции што се огласени, а за кои именувањето ќе биде по истек на мандатот на актуелните ангажирани кадри, се претседател и двајца членови на Управен одбор во Агенцијата за цивило воздухопловство, седум членови на Државната комисија за спречување на корупцијата, еден член на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации. Ќе се избира и директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци, двајца членови на Комисијата на Агенцијата за пошти, член на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации, како и претседател, заменик-претседател, член и заменик-член на Комисијата за решавање на жалби од областа на енергетиката, претседател на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер и член на Државната комисија за жалби по јавни набавки.

Заинтересираните кандидати треба до Собранието да достават пријава во која ќе биде наведена јавната функција за која се пријавува, лична биографија не поголема од пет страни, документи со кои се докажува исполнувањето на условите утврдени во огласот и уверенија за познавање странски јазик.

Од кандидатите се бара да имаат повеќегодишно искуство и соодветно образование и да ги исполнуваат законските услови за функцијата за која се пријавуваат. Можност за пријавување имаат сите кандидати кои своето образование го оформиле како во Република Македонија, така и во странство.

– Сите пријавени кандидати имаат еднакви шанси да бидат примени согласно нивните способности, образование, искуство и личен капацитет, без разлика на полова, верска, партиска и национална припадност, имотна состојба и други лични околности. Ќе бидат ангажирани најспособните и најсоодветните кандидати за јавната функција за која се аплицира. Сите пријавени кандидати кои ги исполнуваат законските услови за функцијата за која се пријавуваат ќе бидат повикани на интервју и нивните податоци и препораки ќе подлежат на проверки, се наведува во огласот.

Секој обид за лично лобирање и ургенција од страна на кандидатите ќе се смета како слабост и неверување во сопствените капацитети и ќе влијае негативно во формирањето на финалната оценка за кандидатот.

Сите кандидати кои се актуелни носители на јавните функции за функциите за кои се објавуваат во овој оглас, а мандатот им истекува до јуни 2016 година или лица со истечен мандат, имаат право и можност повторно да се пријават за функциите кои досега ги извршуваат.

Огласот за пројавување интерес не е законска обврска на Собранието на Република Македонија, но според Комисијата за прашања на изборите и именувањата, како предлагач на носители на јавни функции, потребно е да се распише со цел да им се даде можност на што поголем број способни луѓе.

Градот Скопје на крајот на минатиот месец објави оглас за високо образован кадар кој има менаџерски и лидерски вештини за да помогнат во подобро раководење на претпријатијата. Заинтересираните до 25-ти јули ќе може да се пријават на огласот.

Огласот се однесува на вкупно 16 раководни позиции во Градот Скопје, една раководна позиција во Противпожарната бригада на Град Скопје, 5 раководни позиции во културните установи на Град Скопје и 36 раководни позиции во јавните градски претпријатија „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“, „Улици и патишта“, „Градски паркинг“, „Водовод и канализација“ и ЈСП.

Пријавените кандидати имаат еднакви шанси да бидат примени согласно со нивните способности, образование, искуство и личен капацитет, без разлика на полова, верска, партиска и национална припадност, имотна состојба и други лични околности. Сите пријавени кандидати кои ги исполнуваат законските услови за позицијата за која аплицираат ќе бидат повикани на интервју, дел од нив ќе бидат повикани и на тестирање и нивните податоци и препораки ќе подлежат на проверки.

Од кандидатите се бара да имаат повеќегодишно работно искуство и соодветно образование за преостанатите позиции, а за позициите во администрацијата на Град Скопје потребно е и повеќегодишно искуство во државна служба, да ги поддржуваат политиките на Град Скопје во областа за која се пријавуваат, да ги исполнуваат законските услови за позицијата за која се пријавуваат, како и задолжително да го познаваат англискиот јазик.

Можност за пријавување на овој оглас имаат сите кандидати кои своето образование го оформиле во Република Македонија или во странство.

Кандидатите кои се актуелни раководни лица на позициите кои се објавуваат во овој оглас или пак мандатот им истекува во 2014 година, раководни лица со истечен мандат или в.д. раководни лица на позициите за кои се објавува овој оглас, имаат право и можност повторно да се пријават за позициите кои досега ги извршуваат. Истите лица имаат можност повторно да бидат избрани од Градот Скопје врз основа на условите објавени во овој оглас. Град Скопје тоа го смета како можност, но не и како обврска.

Овој оглас претставува Оглас за пројавување интерес, а не Оглас за вработување и истиот не е законска обврска на Град Скопје, но е со цел да се даде можност на што поголем број способни луѓе, да ги покажат своите квалификации.

Заинтересираните кандидати на овој оглас треба да се пријавуваат само по електронски пат. Апликацијата за огласот може да се најде на веб-страницата на Град Скопје –www.skopje.gov.mk/konkursi.