Голем интерес за запишување во прва година во 2015/2016 има на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје (ФЕИТ) каде што аплицирањето е електронско и во тек. За оваа година на ФЕИТ се предвидени вкупно 600 слободни места, 460 за редовни студенти во државната квота и 140 за редовни студии со кофинансирање, објави МИА.
Деканот на ФЕИТ Миле Станковски очекува во првиот рок да бидат запишани повеќе од 360 студенти, колку што беше квотата во минатите години. Квотата годинава е зголемена токму поради се поголемиот интерес на матурантите да студираат технички науки. Интерес за ФЕИТ секоја година има и од по 10-15 студенти од странство.
Квотите кои ги баравме ни се одобрени од Владата и очекуваме дека оваа година ќе го надминеме бројот од минатата година. Можеби нема да го достигнеме бројот 600, но се надеваме дека државната квота во целост ќе ја исполниме. Според она што досега го имаме на онлајн-пријавувањето, интересот е исклучително голем. И покрај тоа што добар дел од средношколците ги немаат добиено дипломите, бројот на пријавени по интернет е поголем од изминатите години. Особено не радува што квалитетот на пријавените кандидати е доста висок, над 80 отсто се со над 90 поени. Тоа за нас е многу битно зашто инсистираме на тоа, а досега и го постигавме – да примиме добри кандидати со што не е проблем да го одржиме квалитетот на образованието кое го нудиме, изјави Станковски.
Според деканот на ФЕИТ, Македонија го следи светскиот тренд за зголемување на бројот на студенти на техничките факултети. Со тоа, рече тој, прилично е поголема и можноста за вработување особено сега, кога во земјава доаѓаат странски компании на кои им требаат инженери.
Добар дел од менаџерите на компаниите бараат инженери и имаат проблем да најдат инженери кои се без работа. Па, добар дел од нашите инженери и пред да дипломираат одат на работа, додаде Станковски.
Студентите на ФЕИТ се оспособуваат со пракса која мора да трае барем еден месец во годината. За таа цел ФЕИТ има склучено договори за соработка со повеќе од 100 компании каде тие може да одат на практична работа.
ФЕИТ има и богата меѓународна соработка. Продеканот Александар Ристески изјави дека во последните 15 години факултетот има реализирано над 200 проекти.
Поголем дел од нив се меѓународни, и во рамки на тие проекти, остварена е соработка со повеќе од 300 универзитети, компании, истражувачки центри, главно од Европа, но и од Америка, изјави Ристески.
Електронското пријавување на ФЕИТ ќе трае и во деновите на упис во првиот рок (на 13-ти и 14 август), кога покрај онлајн-пријавувањето кандидатите треба и лично да ги донесат документите на факултетот.