Голем одѕив на протестниот марш „Кој е следен?“, со паролата: „Ние сме гласот на Фросина, Валкани пари, смртни последици“

Голем број граѓани се собраа пред Универзална сала од каде што започна денешниот протест на граѓанската иницијатива „Кој е следен?“ и на кој учесниците, роднините и пријателите на почината Фросина бараат правда, ефикасни мерки за безбедност во сообраќајот и соодветно санкционирање на прекршителите.

„Потребни сме му на нашиот град и на нашето општество заедно, како колектив што бара одговорност, неселективна правда и безбедност за секој граѓанин! Системот што треба да нè заштити потфрла, затајува и секојдневно ни ја докажува својата нефункционалност – онаа што ни ги крати животите. Премногу долго чекавме некој друг да ги подобри работите, да направи вистински промени, да ни обезбеди квалитет на живот каков што заслужуваме. Време е сами да ги побараме! Време е да ги потсетиме надлежните кому служат и зошто се на своите функции, стоеше во најавата за денешниот протестен марш.

Граѓаните го креваат гласот против неказнивоста и несоодветните постапки против сторителите на тешки дела во сообраќајот, како што посочува и централната парола од денешниот протест – „Ние сме гласот на Фросина, Валкани пари, смртни последици“.

Маршот започна пред Универзална сала, на местото каде што трагично го загуби животот Фросина Кулакова и продолжи преку Владата до Собранието на Република Северна Македонија, а заврши пред Апелациониот суд.

Приоретни барања, како што најавија, остануваат мерките за безбедни улици и градови, неселективен правичен систем.