Големо невреме синоќа ги зафати Битола, Охрид и Штип

Невремето што вчера ја зафати земјава направи големи штети особено во Битола, Штип, и во Охрид. Од силниот ветер во Битола имаше паднато дрвја, бандери, уранти покриви…
Поради невремето повеќе делови останаа и без електрична енергија.

Регионалниот ЦУК Битола известува дека пожарникарите од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Битола во текот на денот имале голем број на интервенции што настанаа поради силното невреме (силен ветар над 60 км/ч) што го зафати Битолскиот регион во 14.30 часот. Според повиците за настаните примени преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 и во комуникација со командирот на ТППЕ Битола, Општина (ЕЛС) Битола во соработка со јавните претпријатија од Битола и ЕВН, вчера интервенира на повеќе локации, информира ЦУК.

Регионалниот ЦУК Охрид известува дека пожарникарите од ТППЕ Охрид, во период од 17.20 до 19.45 часот со 2 ПП возила и 6 пожарникари, интервенирале на откачен лимен кров поради силниот ветар на ул. „Карпош Војвода“ во Општина Охрид.

РЦУК Штип известува дека ТППЕ Виница во период од 13.45 до 14.30 часот, со 1 ПП возило и 3 пожарникари, интервенирале на паднато дрво и бандера како последица на силниот ветар во с. Истибања. Пожарникарите од ТППЕ Штип, во текот на денот повеќепати интервенирале во отстранување на паднати дрвја, откачена церада и на откорнати делови од покривни конструкции на објекти како последица од силниот ветер на разни локации во градот Штип и неговата околина.

Невремето вчера го остави без струја дебарскиот регион.

Од УХМР денеска информираа дека од синоќа дува умерен, долж Повардарието засилен ветер од северен правец (над 70 километри на час). Засилен ветер особено долж Повардарието ќе има до крајот на денот.