Голготата и неизвесната судбина на избрканите наставници, педагози и воспитувачи од Битола, што ги сомле партиската машинерија на власта и ги остави без егзистенција, продолжува, објави телевизија Алфа.
Тие не добија поткрепа ниту од градоначалничката Наташа Петровска, која после неколку месечни обиди, оствари средба со нив, меѓутоа тие се незадоволни зашто сметаат дека доскорешната професорка и нивна колешка, се огради од нивниот проблем и „пуштајќи ги низ вода“, ги испрати да талкаат по лавиринтите на институциите.
„Од средбата воопшто не сме задоволни, зашто секој се огради од неговата одговорност на функцијата што ја носи“, вели рече Гордна Јоначиќ, една од избрканите наставнички.
Петровска вели дека директорите треба да постапуваат според законот, но дека имаат и право при вработувањето да одберат најквалитетни и најкомпетентни лица. За решавање на овој проблем, избрканите ги упати да тропнат на други врати.
„Согледавме дека има најразлични ситуации, а јас ги повикав согласно законските одредби да се обратат до трудовата инспекција и да се побратат до просветниот инспекторат доколку ценат дека нивното право им е загрозено“, рече битолската градоначалничка Наташа Петровска.
Но, тие пак велат дека градоначалничката по потреба работите ги мери со различни аршини, а и непотизмот не и е непознат.
„Од неа добивме образложение дека не може да има информации од институции кои што не се во нејзина надлежност како што е Агенцијата за вработување, Државниот просветен инспекторат итн, а претходно бевме сведоци дека располага со информации од истите тие институции кога стануваше збор за вработувањето на нејзиниот брат“, рече избрканата наставничка Марина Стефановска Јовчева.
Оваа сага од образовниот систем во која се жртва седумдесет и пет битолски семејства, на ист начин и со слични бројки се пресликува и во Прилеп. Иако вистинскиот одговор за безброј недоследности и прекршување на процедурите и законот треба да стасаат до трудовата инспекција и државниот просветен инспекторат, жртвите на партиската машинерија на власта, како што велат, се песимисти и зрак на надеж гледаат само во судската правда, колку и да е слепа Јустиција.