Македонската фудбалска легенда Горан Пандев емотивно се збогува од својот досегашен клуб Џенова, каде мина шест години откако се врати во Италија.
Пандев од вчера е фудбалер на Парма, некогашниот калчолигашки гигант, кој е седми негов клуб во кариерата на Апенините по Специја, Анкона, Лацио, Интер, Наполи и Џенова, а на „Мараси“ мина најдолг период од својата одлична кариера и на сите навивачи им порача дека посакува за последен пат, уште еднаш да се врати, за да им заблагодари за сите емоции што ми ги дадоа во изминатиов период.
„Тешко е ова заминување, тешка е оваа разделба од овие бои. Чувствував дека треба да заминам, иако никој не ми порача тоа да го направам. Кога ќе дојдете во оваа возраст, само страста ви дава потстрек, свеста дека сте дел од еден проект. Не можеш да се лажеш себе си, но Џенова секогаш ќе биде во моето срце – мојот град, моите бои, мојот плоштад! Би сакал да се вратам и да ве поздравам сите вас како што треба, на ‘Мараси’ уште еднаш да ја слушнам својата публика. Ви благодарам на сите емоции што ми ги дадовте. Засекогаш Џенова“, објави Пандев на својот Инстаграм профил.