Ѓорчев до СДСМ: Направете го ова во Америка па ќе видите што ќе ви се случи

Влатко Ѓорчев им се обрати на пратениците на СДСМ кои се повикуваа на „западните искуства“, да замислат каков третман ќе имаа како опозиција доколку делуваа на ист начин како во Македонија, но во Америка, Германија, Британија или Франција.

Тој ги потсети пратениците на СДСМ дека во САД и позицијата и опозицијата беа на иста страна за кражбата на лични податоци од страна на Бредли Менинг кој беше осуден на 35 години затвор во демократска процедура од страна на демократски суд бидејќи САД така се пресметуваат со оние кои направиле тешки повреди на безбедноста на една држава.

Споредбата со САД Ѓорчев ја продолжи повикувајќи ги СДСМ и нивните демократски активисти да проверат што би им се случило доколку со бехатон плочка нападнат и повредат 40 полицајци во САД како што тоа го сторија во Македонија.

Тој ги повика и да замислат што ќе им се случи на Даунинг Стрит во Лондон доколку е нападнат полицаец пред домот на премиерот на Британија, ги повика да се потсетат како реагираше германската полиција кога беше нападната Европската Централна Банка во Франкфурт или како реагира француската полиција во Париз.