ВМРО-ДПМНЕ има конзистентен став за разлика од СДСМ и некогашните невалдини организации, кои сега дејствуваат како се филијали на владата на Зоран Заев, организации коишто едно велат сега, а друго планираат за пет години или во другите политички партии каде што некој нешто ќе изјави, па потоа треба да се оградува од тоа, рече Влатко Ѓорчев во синоќешното гостување во емисијата Топ тема.
Ѓорчев нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ има став којшто е поддржан од огромното мнозинство граѓани во земјата, а тоа е дека бракот е заедница меѓу еден маж и една жена, и дека децата без родители треба да ги посвојуваат семејства во коишто имаат и мајка и татко, сопруг и сопруга, маж и жена или самохрани родители.
„Овој став на ВМРО-ДПМНЕ е конзистентен, доследен и постојан, а поддржан е од огромното мнозинство граѓани на Република Македонија, едно големо молчаливо мнозинство во оваа држава. Истовремено, никого не сакаме да дискриминираме, ниту треба да има говор на омраза кон кој и да е, ниту некој кој треба да биде стигматизиран или маргинализиран“, додаде Ѓорчев.
Според Ѓорчев, живееме во инклузивно општество, коешто треба да дава еднакви можности и општество во коешто треба да имаме цивилизирани дебати, цивилност во однесувањето и без да се лепат етикети од ниту една страна. Зашто, ако што посочи, деновиве може да се забележи од рамките на коалицијата внатре во СДСМ, во рамките на коалицијата на самата Шарена револуција, дека има два силни антипода коишто се прилично спротивставени.
Истакна дека внатре во СДСМ самите треба да расчистат на што се и каде се, како и дека не е проблемот во дебата со ВМРО-ДПМНЕ, туку оти има ситуација каде што вториот човек во СДСМ, актуелен потпретседател на СДСМ излегува со говор на омраза и со епитети и со кажувања кон ЛГБТ заедницата што е неадекватен.
„Истовремено, поголем број на луѓе блиски до СДСМ и до Шарената револуција тргнаа во кампања против сите муслимански верници, со навреди, вклучувајќи и навреди до сите муслиманки кои носат марама. Тоа не е во ред, тие се наши сограѓанки, кои заслужуваат љубезност и почит“, додаде Ѓорчев.