Барањето да се реши прашањето за Гоце Делчев веднаш и инстант со цел да се задоволи некоја, во овој случај политичка потреба, може негативно да влијае на работата на комисијата, смета историчарот Драган Ѓоргиев, шеф на македонскиот тим во заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Откако вчера во Скопје двајцата премиери, Заев и Борисов, порачаа комисијата да најде решение за Гоце Делчев до октомври, Ѓоргиев во изјава за ТВ Сител рече дека за чувствителни прашања, наталожени шест до седум децении, потребно е време и трпение. Ако им се пристапи брзо и се поврзуваат со други актуелни политики прашања, рече тој, решението може да биде избрзано и негативно за односите меѓу двете држави.
-Навлегувањето во идентитетското прашање за Гоце Делчев може комисијата да ја доведе во ќор-сокак. Не може а приори да се стави рок за прашањето веднаш и сега да се реши заедничкото чествување на Гоце Делчев. Доколку комисијата се посвети на тоа зошто е Гоце Делчев важен за двете страни, зошто се празнува, зошто е во меморијата на двата народа и, во крајна линија, која е неговата вредност која може да нè поврзе, тогаш ќе може да се најде и решение за заедничко чествување. Доколку ние инсистираме на тоа дека тој бил Македонец или Бугарин, тогаш решение тешко ќе се изнајде. Важно е да најдеме Гоце Делчев како вредност да се поврзат двата народа, а заедничко чествување е начин тие да се приближат без инсистирање на идентитетот, рече Ѓорѓиев.